Роџер Федерер ја завршува 24-годишната кариера: „Ви благодарам на сите што ми помогнавте да си го остварам сонот“
- Детали
- четврток, 15 септември 2022
Со емотивна објава на неговиот официјален веб-сајт, тенисерот Роџер Федерер сподели дека става крај на 24-годишната тенисерска кариера na 41-годишна возраст.
Роџер Федерер реши да стави крај на тенисерската кариера која траеше повеќе од 24 години.
Тој ги сподели новостите на неговиот официјален веб-сајт.
„Од сите подароци што ми ги дал тенисот низ годините, без сомнение најголемиот се луѓето кои ги сретнав по пат: моите пријатели, моите противници и фановите кои му го даваат животот на спорот. Денес сакам да споделам некои вести со сите вас.
Како што многу од вас знаете, изминативе три години се соочив со предизвици како повреди и операции. Работев напорно да се вратам во форма.
Но, исто така ги знам способностите и границите на моето тело, а неговата порака до мене ми стана јасна. Имам 41 година. Играв над 1.500 натпревари во 24 години.
Тенисот ме третираше подобро отколку што можев да сонувам и сега морам да препознаам дека е време да ставам крај на мојата натпреварувачка кариера.
Тенисерот вели и дека следната недела, во Лондон, ќе го одигра последниот натпревар и иако ќе продолжи да игра тенис, тоа нема да биде како дел од турнири и натпревари.
„Ова е горко-слатка одлука, бидејќи ќе ми недостасува сè што ми дадоа турнирите. Но, истовремно, има толку многу за славење. Се сметам за еден од најсреќните луѓе на Земјата.
Ми беше даден посебен талент да играм тенис и играв на ниво кое не го ни замислував, многу подолго отколку што мислев дека е возможно.
Би сакал да ѝ се заблагодарам на мојата неверојатна сопруга Мирка, која ја преживеа секоја минута со мене. Таа ме загреваше пред финалињата, гледаше безброј натпревари дури и по 8-миот месец од бременоста и ја трпеше мојата несмасна страна повеќе од 20 години.
Исто така сакам да им се заблагодарам на моите четири прекрасни деца што ме поддржуваат, што секогаш се желни да истражат нови места и што создадовме прекрасни сеќавања по пат.
Чувството додека го гледам семејството како навива за мене е нешто што ќе го ценам засекогаш“.
Тенисерот им се заблагодарува и на неговите спонзори, но и неговите противници низ годините и, се разбира и на фановите.
„Сакам да ви се заблагодарам на сите од дното на моето срце, на сите ширум светот кои помогнаа да се остварат соништата на едно мало дете од Швајцарија“.
Спирова С. | Црнобело