„Моето семејство никогаш нема да го заборави овој гест“ - Кристијано Роналдо трогнат од навивачите на натпреварот на Манчестер
- Детали
- четврток, 21 април 2022
„Ви благодарам. Јас и моето семејство никогаш нема да го заборавиме овој момент на почит и сочувство“, стои во видеото од емотивниот гест што го сподели фудбалерот, во кое цел стадион даде едноминутен аплауз со цел да го поддржи фудбалерот по загубата на неговото синче.
Гледачите на натпреварот помеѓу Ливерпул и Манчестер Јунајтед му оддадоа почит на Кристијано Роналдо по смртта на неговиот новороден син.
Со аплауз кој траеше цела минута, фановите ја покажаа својата поддршка за познатиот фудбалер кој е трогнат од прекрасниот гест.
Кристијано Роналдо и Џорџина Родригез очекуваа близнаци, но во понеделникот парот соопшти дека, за жал, едното од децата починало кратко по раѓањето.
Поради трагичниот настан, Роналдо не играше на последниот натпревар на Манчестер Јунајтед против Ливерпул кој се одржа во вторникот.
Сепак, навивачите од трибините не го заборавија фудбалерот и му покажаа почит со прекрасен гест.
Фановите на клубот на Роналдо – Манчестер Јунајтед – но и фановите на противничкиот Ливерпул, ракоплескаа цела минута.
Громогласниот аплауз започна во седмата минута бидејќи тоа е бројот на дресот на Роналдо.
Трогнат од гестот, фудбалерот сподели и видео на Инстаграм со емотивен опис.
„Еден свет… Еден спорт… Едно глобално семејство… Ви благодарам. Јас и моето семејство никогаш нема да го заборавиме овој момент на почит и сочувство“.
Спирова С. | Црнобело