Македонија на Светско: Со победа над Чешка Миркуловски се прости од репрезентацијата
- Детали
- недела, 17 април 2022
Со победа над репрезентацијата на Чешка и обезбедено учество на Светското првенство, ракометната легенда Филип Миркуловски се прости од ракометната репрезентација.
Македонските ракометари успеаја да извојуваат победа над репрезентацијата на Чешка со резултат 27: 25 и обезбедија учество на Светското првенство во ракомет што ќе се игра во 2023-та година во Полска и Шведска.
Околу 7.000 навивачи се собраа да го погледнат реванш натпреварот што вечерва се одигра против Чешка во спортскиот центар „Борис Трајковски“.
Ова воедно беше најавен како последен репрезентативен натпревар за ракометните легенди што беа неизоставен дел од македонската ракометна репрезентација во последните 15 години, Филип Миркуловски и Кире Лазаров, но, пред натпреварот само Миркуловски официјално се збогува и си замина во репрезентативна пензија.
„Ова е мојот последен натпревар во репрезентацијата, ќе има доста емоции, но ние сме професионалци. Ќе се обидеме да имаме среќен крај, да победиме и да се пласираме на Светското првенство.
Одигравме добар натпревар во Чешка иако испуштивме 6-7 голови предност, тоа не смееше да ни се случи, но противникот покажа карактер.
Знаеме дека се работи за квалитетна репрезентација, знаеме што нè очекува тука во недела и со помош на 7.000 навивачи да обезбедиме пласман на Светско првенство“ - изјави Миркуловски во пресрет на натпреварот.
Б. С. Б. | Црнобело