Новак Ѓоковиќ се огласи по инцидентот во Австралија: „Нема да играм на турнири ако треба да се вакцинирам“
- Детали
- вторник, 15 февруари 2022
Првпат откако му беше забрането да се натпреварува на Australian Open, Новак Ѓоковиќ прозборе за целата ситуација истакнувајќи дека нема ништо против вакцините, дека бил депортиран бидејќи австралиските власти мислеле дека ќе започне антиваксерско движење во државата, но и дека нема да се натпреварува на турнири ако мора да се вакцинира.
Новак Ѓоковиќ се огласи во врска со инцидентот во Австралија, изјавувајќи дека нема да учествува и во други големи натпревари доколку мора да се вакцинира.
34-годишниот тенисер не се натпреваруваше на Australian Open откако австралиската влада му ја поништи визата заради необезбеден соодветен ковид сертификат за влез.
Сега, во интервју за BBC, Новак откри дека стои на својот став и нема да учествува и во другите големи тениски турнири ако од него бараат да се вакцинира.
„Да, тоа е цената што сум подготвен да ја платам. Бидејќи, принципите за донесување одлуки за моето тело се поважни од која било титула или што било друго“, изјави тенисерот.
Новак уште еднаш потврди дека не е вакциниран, но истакнува дека не е „антиваксер“ и дека сепак не ја исклучува можноста да се вакцинира во иднина.
„Никогаш не сум бил против вакцинацијата. Разбирам дека глобално, сите се обидуваат да се справат со вирусот и, надежно, наскоро да го видат крајот на вирусот“.
Тенисерот вели дека како професионален спортист, отсекогаш највнимателно одбирал што ќе внесе во неговиот организам.
„Според информациите што ги добив, одлучив да не се вакцинирам“.
Новак побара да биде исклучен од правилото за вакцинација во Австралија наводно поради здравствени проблеми, но и бидејќи го имал прележано вирусот неодамна.
Сепак, се соочи со многу критики и многумина веруваа дека всушност ги лажирал резултатите од тестот за ковид.
„Разбирам дека има многу критики, разбирам дека луѓето имаат разни теории. Милиони луѓе ширум светот се справуваа и уште се справуваат со вирусот.
Јас го сфаќам ова многу сериозно, навистина не сакам некој да мисли дека сум направил нешто за да добијам позитивен тест и да одам во Австралија. Навистина бев тажен и разочаран за она што ми се случи во Австралија. Не беше лесно“.
„Луѓето веројатно не знаат дека јас не бев депортиран од Австралија бидејќи не бев вакциниран или бидејќи прекршив некои правила.
Причината зошто бев депортиран од Австралија беше тоа што министерот за имиграција ми ја поништи визата поради неговата перцепција дека јас ќе создадам некое антиваксерско движење во државата или во градот, а јас воопшто не се согласувам со тоа“.
BBC сподели дел од интервјуто со Новак само неколку денови откако се дозна дека тенисерот се соочува со слични проблеми за друг турнир – BNP Paribas Open – кој треба да започне на 7-ми март во САД.
Според веб-сајтот на турнирот, вакцините се задолжителни за сите коишто ќе се натпреваруваат:
„Сите учесници мораат да покажат доказ за целосна вакцинација. За да се зачува безбедноста на сите, нема да бидат дозволени никакви исклучоци од ова правило“.
Спирова С. | Црнобело