15-годишно девојче испиша историја на Олимписките игри со „невозможен“ скок - Која е Камила Валиева?
- Детали
- вторник, 08 февруари 2022
Почнала да лизга на само три години, а на 11 години имала тешка повреда поради која можела да ја заврши кариерата. Што знаеме за 15-годишната Камила Валиева која испиша историја на Олимписките игри во Пекинг?
Петнаесетгодишната Камила Валиева стана првата лизгачка во историјата што успеа да изведе четирискок на Олимписки игри и тоа двапати. Се обиде тоа да го направи и по третпат, но не успеа.
Нејзиниот настап:
Сепак, подвигот на оваа млада девојка беше доволен за да ѝ обезбеди златен медал на Руската репрезентација во тимското натпреварување во уметничко лизгање.
Светските медиуми денес пишуваат за успехот на младата девојка, а што знаеме за неа?
Неколку интересни факти за Камила Валиева:
Камила е родена на 26-ти април 2006-та година во Казан (Татарстан, Русија). По националност таа е Татарка.
Од најмала возраст почнала да се занимава со гимнастика, а на 3,5 години почнала да се занимава со уметничко лизгање. Според нејзините тренери, на возраст од 4 години младата Камила била физички развиена како 8-годишно девојче и била меѓу најдобрите.
Во 2012-та година нејзиното семејство се преселило од Казан во Москва за да ѝ овозможат на Камила да напредува во кариерата со уметничко лизгање.
Во 2017-та година, на 11 години Камила имала тешка повреда на ногата поради што долго време стравувала да изведува трикови. По работењето со некои од најпознатите руски уметнички лизгачи Камила брзо се вратила во форма.
Во 2018-та година, на возраст од 12 години Камила почнала да се појавува на професионалните натпревари.
Б. С. Б. | Црнобело