Интервју со ракометарката Робертина Мечевска: „Очекуваме голема поддршка на ЕП во Србија“
- Детали
- петок, 30 ноември 2012
Македонија сè повеќе ужива во спортските натпревари особено на национално ниво. Ни се ближи Европското Првенство во женски ракомет кое ќе се одржува во соседна Србија.
Во пресрет на уште едно значајно натпреварување за Македонската ракометна репрезентација, поразговаравме со Робертина Мечевска, еден од пикерите во нашиот тим.
ЦБ: Како течат подготовките за Европското првенство во Србија? Привршувате ли?
Робертина: Подготовките се одвиваат по соодветна програма од страна на селекторот. По одиграниот турнир, ни преостануваат уште завршните тренинзи во Скопје, пред самото Европско Првенство.
ЦБ: Каква атмосфера владее меѓу девојките во тимот пред големото натпреварување?
Робертина: Овој состав веќе долго време функционира заедно, така што и овој пат атмосферата е на потребното ниво.
ЦБ: Со оглед на тоа што во нашата група имаме навистина силни противници, која репрезентација ќе биде ваш најголем предизвик во групата Б?
Робертина: Во нашата група, а и воопшто на самото првенство, Франција е еден од најголемите фаворити за освојување медал. Нашата шанса за да ја поминеме групата ја гледаме во дуелите со Шведска и Данска.
ЦБ: Очекувате ли голема поддршка и присуство на Македонски навивачи со оглед на тоа што ќе играте во Ниш?
Робертина: Очекуваме искрена поддршка од целата македонска јавност, а со самото тоа што играме во Ниш, имаме олеснителна околност навивачите да бидат присутни на самите мечеви.
ЦБ: Норвешка важи за главен фаворит на првенството која е и актуелен Олимписки, Европски и Светски првак. Кои се вашите прогнози, одиме ли во финале?
Робертина: Главната цел ни е да ја поминеме групата, а потоа би размислувале за што повисок пласман.
ЦБ: За крај, што ќе им порачате на читателите на ЦРНОБЕЛО?
Робертина: Да бидат со нас и да дојдат масовно во што поголем број да ни ја дадат својата поддршка. Им благодарам и на Вип за сета нивна поддршка како официјален партнер на македонскиот ракомет.
Би можело да ве интересира:





