„Сè уште е тука и не ми недостасува“ – Пријателот на Михаел Шумахер зборува за неговата здравствена состојба
- Детали
- петок, 15 декември 2023
„Михаел е тука, па не ми недостасува. Неговиот живот сега е сосема поинаков и јас ја имам привилегијата да поминувам време со него“ – вели Жан Тод во изјава за светските медиуми. Тој откри дека здравствената состојба на Формула 1 возачот и 10 години по несреќата не е подобрена.
По несреќата на Алпите во 2013-та година, многу малку се знае за здравствената состојба на Формула 1 возачот, Михаел Шумахер. Тој досега се нема појавено во јавноста, а неговите блиски ги чуваат во најголема тајност сите детали за неговата здравствена состојба.
Со оглед на тоа што сопругата Корина и децата на Шумахер не дозволуваат во јавноста да излезат детали за здравствената состојба на Михаел, речиси секој детаљ што ќе биде објавен веднаш се пренесува во светските медиуми.
Неодамна директорот на тимот на Ferrari и на FIA, Жан Тод, даде кратка изјава во која соопшти каква е состојбата на Михаел:
„Михаел е тука, па не ми недостасува. Но, тој едноставно не е тој Михаел што беше порано. Сега е поинаков и него го водат сопругата и децата коишто го штитат.
Неговиот живот сега е сосема поинаков и јас ја имам привилегијата да поминувам време со него.
Тоа е сѐ што можам да ви кажам. За жал, судбината му се промени пред 10-тина години. Тој повеќе не е Михаел што го знаевме во Формула 1“ – изјави Жан Тод.
Претходно, Жан рече дека Михаел е жив благодарение на трудот на лекарите и на неговата сопруга Корина, но дека заради медицинските зафати што му биле направени, тој во моментов трпи последици.
„Се надеваме дека работите полека, но сигурно ќе се подобрат“ – рече Тод.
Според она што ѝ е познато на јавноста, веднаш по несреќата Михаел бил во медицински предизвикана кома, а потоа од страна на неговата сопруга Корина и медицинските лица бил пренесен во нивниот дом на езерото Женева и оттогаш не се знае ништо за неговата состојба.
Во документарниот филм од 2021-ва година, Корина Шумахер даде ретка изјава за неговата состојба, па откри дека поранешниот шампион во Формула 1 изминативе години е на рехабилитација од повредите што ги претрпел и таа рече дека тој „е поинаков, но сѐ уште е тука“.
„Ми недостасува Михаел секој ден. Но јас не сум единствената личност на која тој ѝ недостасува.
Им недостасува и на децата, на семејството, на татко му, на секој околу него. Мислам, на сите им недостасува Михаел, но Михаел е тука. Поинаков, но тој е тука и ни дава сила.
Се обидуваме да продолжиме како семејство така како што сакаше Михаел и сѐ уште сака“ – рече таа и додаде дека ѝ е мошне важно нејзиниот сопруг да продолжи да го живее животот во приватност.
Прочитајте и Ja преживеа несреќата благодарение на сопругата – Која е Корина Шумахер и како Михаел ја возвишуваше?
Б. С. Б. | Црнобело