Интернационалниот мајстор Тони Лазов го освои шаховскиот турнир „Шах-шех Вавилон Опен“
- Детали
- понеделник, 16 октомври 2023
Шахистот на ШК Алкалоид, ИМ Тони Лазов, освои 8 од можни 9 поени и го освои првото место на турнирот „Шах-шех Вавилон Опен“ што викендов се одигра во Битола.
Овој успех на Лазов доаѓа откако пред два месеца на Екипниот Шампионат на Македонија во Охрид, исто така покажа одлична игра, освојувајќи шест поени од шест партии, со што се издвои како најуспешен играч.
Од друга страна, турнирот во Битола се играше според правилата за забрзан шах, односно 10 минути по играч, плус 5 секунди за секој потег, а настапија над 170 шахисти.
По првите шест кола, неготинчанецот Лазов го делеше врвот со ИМ Никола Николовски, кој исто како играчот на ШК Алкалоид имаше максимален учинок во дотогашниот дел на турнирот. Во седмото коло тие имаа меѓусебен дуел и ремизираа, за потоа во осмото коло Лазов да го преземе водството на табелата со победа на бугарскиот шахист Методи Стоинев, додека Николовски ремизираше со другиот бугарски шахист, ВМ Петар Дренчев.
Во последното коло, 23-годишниот Лазов играше со ФМ Љубомир Илиќ (кој играше на првата табла за македонската репрезентација за играчи над 65 години на неодамна завршеното Светско екипно првенство во Струга), при што ремизираше, додека за „драмски заплет“ се погрижија Николовски и Дренчев кои извојуваа победи. На крајот, одлучуваше вториот критериум „Бухолц“, па во конечниот пласман Лазов се најде пред двајцата ривали кои имаа ист број поени.
Меѓу првите десетмина се најдоа и двајца играчи кои потекнуваат од младинскиот погон на ШК Алкалоид, Матео Ефтовски (најдобро пласиран играч до 20 години) и Теодор Јовановски (најуспешен до 18 години), кои беа во групата играчи со по 7 бода што делеа пласман од 5 до 12 место, а според „Бухолц“ се на седма и осма позиција.
Фото: Архива на ШК Алкалоид