„Не сум виновен“ – Тревис Скот прозборе за смртоносното стампедо на неговиот концерт, бремената Кајли Џенер уште се крие
- Детали
- петок, 10 декември 2021
Тревис Скот првпат прозборе за стампедото на неговиот концерт каде што загинаа десет лица, изјавувајќи дека не го слушнал викањето на фановите и дека не е виновен. Бремената Кајли Џенер, пак, уште се крие од јавноста.
Тревис Скот, момчето на Кајли Џенер, конечно прозборе за трагедијата на неговиот концерт каде што имаше не само повредени, туку и загинати од кои најмладиот имал само девет години.
На 5-ти ноември во САД, за време на настапот на Тревис Скот како дел од музичкиот фестивал Astroworld, настана стампедо кое заврши трагично. Покрај многуте повредени, во стампедото загинаа десет лица, а најмладата жртва имала само девет години.
Тревис беше најостро критикуван бидејќи не презел ништо и продолжил да настапува додека неговите фанови буквално гинеле во публиката, а набрзо потоа доби и бројни тужби од настраданите и семејствата на загинатите.
На концертот присуствуваше и неговата девојка Кајли Џенер која оттогаш се нема појавено во јавноста. Тревис, пак, неодамна го прекина молкот и реши да прозбори за трагедијата, а беше забележан и во јавност со неговиот автомобил, без Кајли.
Во ексклузивното интервју за шоуто The Breakfast Club, раперот се обидува да се одбрани нагласувајќи дека не ги слушнал викањето на фановите и воопшто не бил свесен за трагедијата што се случува.
Прочитајте повеќе: Тревис Скот, дечкото на Кајли Џенер, обвинет за смртоносното стампедо на неговиот концерт – има 8 загинати, а таа го брани
На прашањето дали направил сè во негова моќ за да го спречи немилиот настан, раперот изјави:
„Направив сè што беше физички возможно. И, ако знаев што се случува… само посакувам да можев да направам нешто повеќе“.
Раперот истакнува дека дефинитивно би го прекинал концертот многу порано ако бил свесен за ситуацијата.
„Јас сум артист кој би го прекинал настапот доколку знаев дека фановите се во опасност. Секојпат кога ќе слушнете нешто такво, ќе прекинете со концертот. Ќе сакате да се осигурите дека фановите ја добиваат потребната помош. Но јас не го слушнав нивното викање“.
За фестивалот се вели дека е еден од најсмртоносните настани на концерт во американската историја и досега резултира со над 140 тужби до Тревис Скот и организаторите.
Наводно, во повеќето тужби е наведено дека на раперот и организаторите им било поважно да заработат пари отколку да им помогнат на фановите.
Сепак, раперот смета дека не е виновен за смртта на десетте фанови и вели дека има за цел да открие што го предизвикало стампедото.
„Фановите дојдоа на концертот за да си поминат убаво. Јас имам одговорност да откријам што точно се случи. Имам одговорност да најдам решение“.
Во интервјуто, раперот вели дека американските медиуми се оние кои го посочиле како виновник.
„Јас сум лицето на фестивалот. Јас сум артистот. Па да, медиумите сакаат да посочат кон мене“.
Тревис покажа и сочувство кон жртвите нагласувајќи дека неговите фанови му се како семејство.
„Јас сум секогаш овде со вас. Ве сакам и секогаш ќе бидам овде за да ви помогнам да го надминете ова.
Сите овие луѓе кои дојдоа на концертот, тие ми се семејство. Отсекогаш сум бил поврзан со луѓето кои ја слушаат мојата музика и доаѓаат на моите концерти. И навистина ми е тешко“.
На крај, Тревис вели дека дефинитивно ќе најде решение:
„Ќе го решам ова. Ќе го решам овој проблем и ќе најдам решение за да се осигурам дека нема да се случи во иднина и дефинитивно ќе бидам најгласен за овој проблем“.
Кајли Џенер, пак, за која имаше гласини дека поминала покрај мртвите тела на фановите, целосно исчезна од јавноста и нема објавено ништо на социјалните мрежи освен реклами на Инстаграм Стори за нејзиниот бренд.
Кратко пред трагедијата, јавноста дозна дека таа и Тревис го очекуваат нивното второ дете.
Прочитајте повеќе: Кајли Џенер со ќерката поминала покрај мртвите тела на фановите – нови детали за трагедијата на концертот на Тревис Скот
Спирова С. | Црнобело