Тревис Скот, дечкото на Кајли Џенер, обвинет за смртоносното стампедо на неговиот концерт – има 8 загинати, а таа го брани
- Детали
- понеделник, 08 ноември 2021
На концерт на Тревис Скот настанало стампедо при што осум лица загинале, а стотици останале повредени – јавноста го обвинува раперот дека го почнал хаосот бидејќи слични настани имало и на други негови концерти, а неговата девојка, Кајли Џенер, го брани и вели дека тој не ни знаел што се случувало додека настапувал.
Ситуацијата излегла од контрола на фестивалот Astroworld за време на настапот на Тревис Скот, момчето на Кајли Џенер, кога настанало стампедо и загинале осум лица, а стотици останале повредени.
Според присутните, додека траел хаосот, Тревис продолжил со настапот, но подоцна тој изјави дека воопшто не бил свесен што се случува во публиката.
На социјалните мрежи беа споделени вознемирувачки видеа на кои се гледа како Тревис настапува, додека лицата од брза помош прават реанимација на некои од фановите.
Наводно, Тревис настапувал околу 75 минути, но кога сфатил што се случува почнал да бара помош. На некои видеа и фотки се гледа како возило на брза помош се пробива низ толпата народ.
На концертот беше забележана и Кајли Џенер, која исто така изјави дека не знаела што се случувало.
По критиките од јавноста, Кајли се огласи на Инстаграм Стори:
„Тревис и јас сме скршени и тажни. Моите мисли и молитви се со сите кои ги изгубија нивните животи, беа повредени или беа засегнати од вчерашните настани. Исто така и за Тревис, кој знам дека се грижи за неговите фанови.
Сакам да разјаснам дека не бевме свесни за смртните случаи сè додека не беа објавени вестите по концертот. Мое длабоко сочувство до сите семејства за време на овој тежок период и ќе се молам за закрепнувањето на сите кои беа повредени“.
Кратко по трагедијата, извор близок до Кардашијанс сподели дека на концертот присуствувала и Кендал, но заедно со Кајли не биле повредени. Изворот додава и дека концертот бил прекинат веднаш штом се дознало за хаосот во публиката.
Пред почетокот на концертот пак, стотици фанови за кои се верува дека немале влезници, со трчање влегле на настанот.
И од овој миг се објавени видеа и фотографии на кои се гледа како фановите дури и ги рушат детекторите за метал поставени на влезот, додека обезбедувањето се обидува да ги сопре.
Стампедото на кое има и жртви се случило околу седум часа подоцна.
Не е познато што точно го почнало стампедото, а според полицијата, настраданите се млади лица, помеѓу кои и 14-годишно момче.
Според TMZ, имало „еден виновник“ за целиот настан, кој „полудел и почнал да им инјектира на присутните некаква супстанца“ по што почнал хаосот.
Според полицијата, некој од обезбедувањето навистина бил инјектиран со нешто, па можеби тврдењата на TMZ се точни.
Наводно, од полицијата уште не знаат што го причинило стампедото, но дел од јавноста го обвинува Тревис бидејќи сличен настан имало на уште три негови концерти од пред неколку години.
Во 2017 година, обожавател на Тревис останал парализиран откако раперот му рекол да скокне од балконот на концертната сала.
По трагедијата од викендов, 27-годишното момче се огласи изјавувајќи дека трагедијата сигурно би била избегната ако „Тревис си ја научел лекцијата“.
Претходно, во 2015 година, раперот беше тужен откако ги охрабри фановите на концертот да ја прескокнат безбедносната ограда.
„Тревис изведуваше една песна и почна да им вели на фановите да ја прескокнат оградата. Поради брзата реакција на обезбедувањето, ситуацијата брзо се смири и немаше повредени“, изјави тогаш полицаец кој работел на случајот.
Тревис си добил и уште една казна за концерт од 2017 година, откако им рекол на фановите да истрчаат кон бината и да го избегнат обезбедувањето. Наводно, за ова раперот платил околу 7.500 долари казна.
Тогаш неколку фанови биле повредени и однесени во болница.
За последниот концерт, Тревис добил и тужба од неколку фанови кои биле повредени и кои тврдат дека тој го започнал стампедото. Според полицијата, уште не е познато дали Тревис имал некаква улога.
Еден ден по концертот, раперот сподели видео на Инстаграм Стори, каде што вели дека е многу тажен за инцидентот.
„Не ни помислувал дека може да се случи нешто вакво“, вели раперот во видеото.
Еден ден по трагедијата, луѓето почнале да оставаат цвеќе и пораки пред оградата каде што се одржуваше фестивалот, во чест на загинатите.
Спирова С. | Црнобело