Шенон Доерти без грам шминка се бори за природен изглед: „Преживеав рак – моето лице ми го рефлектира животот“
- Детали
- понеделник, 07 јуни 2021
Шенон Доерти неколку години води битка со ракот на дојката и вели дека болеста предизвикала многу промени во нејзиниот изглед. Сепак, наместо да жали, актерката реши да го прифати нејзиното тело такво какво што е, а деновиве прозборе и против естетските корекции во Холивуд кои веќе станаа норма.
Многу луѓе се заморија од нереалното совршенство што ни го претставува Холивуд, а неретко и славните спаѓаат овде.
Деновиве и актерката Шенон Доерти го кажа своето мислење за естетските корекции во Холивуд кои некогаш ни наметнуваат нереални стандарди за убавина.
Актерката сподели селфи на Инстаграм на коешто нема грам шминка, споделувајќи дека го прифаќа нејзиното лице токму такво какво што е:
„Гледав филмови вечерва и забележав дека имаше многу малку женски ликови во кои можам да се пронајдам. Знаете, жени без филер, без ботокс, без фејслифтинг. Жени кои го прифаќаат нивното лице и целото искуство што тоа го покажува.
Живеев. Го сакам тоа што живеев и што моето лице го рефлектира мојот живот. Преживеав многу, да, рак, но и многу повеќе од тоа. Сега се прифаќам. Конечно. Завршив со перцепцијата што ни ја наметнуваат магазините и Холивуд. Сакам да гледам жени како мене. Жени како нас“, стои во описот на објавата.
https://www.instagram.com/p/CPxBXkwB47Q/
Шенон има рак на дојката, а претходно, за PEOPLE откри дека болеста ја натерала да ги промени ставот и врската со нејзиното тело:
„Она што луѓето не го сфаќаат е дека кога вашето тело ќе помине низ нешто неверојатно тешко, никогаш нема да биде исто како претходно. Се обидувам да откријам како да се прифатам таква каква што сум сега. Никогаш нема да носам иста големина на облека. Некои од моите лекови ми го крадат колагенот од телото, па никогаш нема да имам лице без брчки. Критична сум кон себе. Но со некои работи не можете да се борите“.
Шенон сподели дека сето ова ја натерало да го прифати своето тело и нештата што не може да ги промени.
„Се обидувам да бидам подобра кон себе. И се обидувам да го живеам секој ден како неверојатен, скапоцен дар кој ми е даден“.
Шенон првпат откри дека има рак на дојката во 2015 година, а две години подоцна сподели дека ракот е во ремисија. Но, лани во февруари таа откри дека ракот ѝ се вратил и сега е во четврти стадиум. Набрзо потоа, во искрено интервју за Elle каде што зборуваше за болеста, актерката сподели дека се чувствува добро и е убедена дека ќе живее барем уште 10 години.
За ABC News, пак, изјави:
„Нашиот живот не завршува во мигот кога ќе ја добиеме дијагнозата. Уште имаме за живеење“.
Спирова С. | Црнобело