Прошета боса на црвениот тепих: Кристен Стјуарт ги соблече високите штикли во Кан (фото)
- Детали
- вторник, 15 мај 2018
Американската глумица пристигна во црни Лубутинки. Сепак, не издржа долго во нив. Одлучи да ги соблече пред насобраната публика, гости и репортери на фестивалот. И си „газеше“ како вистинска дива.
Жените кои маки мачат со високите потпетици, сигурно ќе се поистоветат со славната Кристен Стјуарт (28).
Неделава се одржува филмскиот фестивал во Кан, па се чини дека набиената агенда и секојдневните обиколки на настани, беа пренапорни за младата актерка.
Кристен одлучи да си ги одмори нозете, собувајќи ги штиклите. Ни помалку, ни повеќе – среде црвениот тепих.
На премиерата на филмот „BlacKkKlansman“, американската глумица пристигна во црни салонки. Ги соблече на половина пат и продолжи да чекори боса по скалите.
Со ваквата постапка, таа го прекрши дрес-кодот на фестивалот. На дамите им е забрането да носат рамни чевли на споменатата манифестација, така што нејзиниот храбар потег претставува своевиден бунт.
Можеби организаторите ќе ѝ замерат за „инцидентот“, но дефинитивно освои многу нови обожавателки кај женската популација. Странските медиуми веќе ја прогласија за „хероина“.
Иако остана босонога, ѕвездата сеедно изгледаше гламурозно во металик сребрениот фустан од Шанел, украсен со светкави кристали.
Дека не ѝ гајле за ригорозните правила на фестивалот, Стјуарт докажа и во 2016-та година, кога исто така ја заболеа нозете од носењето штикли, па се преслече во патики.
М. А. | Црнобело