Колин Фарел со ретка изјава за 20-годишниот син со пречки во развојот: „Само сакам луѓето да бидат добри со него“
- Детали
- четврток, 08 август 2024
„Ова е првпат отворено да зборувам за него и не можам да го прашам дали се согласува. Но, ако со тоа им помогнам на други семејства со деца како него, знам дека би се согласил“, вели Колин Фарел за 20-годишниот син, кој поради таканаречениот Ангелманов синдром, не може да оди и зборува и има потреба од постојана грижа.
Колин Фарел има две деца – 20-годишниот Џејмс кој го доби со бившата девојка Ким Борденејв, како и 14-годишниот Хенри кој го доби со полската актерка Алиција Бахелда Цуруш.
Колин Фарел со помладиот син
Постариот син на актерот страда од генетско нарушување познато како Ангелманов синдром.
Нарушувањето се карактеризира со пречки во развојот и недостаток на говор.
Ирскиот актер го држи постариот син Џејмс настрана од јавноста, но сега за магазинот People даде изјава за него.
Џејмс има пречки во развојот и проблем со одржување рамнотежа. Исто така, не може да зборува и неопходни му се постојан надзор и грижа од некој.
Актерот реши да лансира фондација за возрасни луѓе со пречки во интелектуалниот развој и по тој повод прозборе за Џејмс.
„Сакам светот да биде добар кон Џејмс. Сакам луѓето да го третираат со добрина и почит“.
Колин истакнува дека целиот свој живот, Џејмс упорно работи на себе и се обидува да се подобри.
„Кога првпат почна да јаде сам, лицето му беше извалкано како слика од Џексон Полок.
Но, успеа, може да јаде сам. Секој ден сум горд на него бидејќи мислам дека е волшебен“.
Актерот истакнува дека откако ќе наполнат 21 година, луѓето со пречки во развојот неретко ја губат помошта од државата.
Па, имајќи ја предвид возраста на син му, решил да ја основа фондацијата и да им помогне на други луѓе во слична позиција.
„Штом детето ќе ви наполни 21 година, останувате сами на себе. Сите помагала, специјалните обуки, не ви останува ништо, освен млада возрасна личност која треба да биде интегрирана во општеството, но најчесто е изоставена.
Ова е првпат да зборувам за Џејмс и очигледно, не можам да го прашам дали сака да зборувам.
Секако, јас му зборувам како што би зборувал со секое 20-годишно момче, но не можам да добијам одговор од него, не може да ми каже дали се чувствува пријатно што зборувам сега.
Па, морав да донесам одлука заснована на моето мислење за Џејмс“.
За People, актерот позира со синот во нивната градина, а вистинска реткост е да се види фотка од него.
„Ако фотографиите од Џејмс во нашата градина би им помогнале на други семејства кои имаат деца со посебни потреби, знам дека Џејмс би ми рекол ’Тато, не ме ни прашувај дали може да зборуваш за мене‘“.
Колин додава дека Џејмс има големо срце и дека фондацијата е отворена во негова чест.
„Луѓето со пречки во интелектуалниот развој имаат право на поголема индивидуалност и автономија во животот“.
Претходно, Колин Фарел има давано кратки изјави за синот. Кога наполни 4 години, тој гордо откри дека почнал да оди:
„Ги направи првите чекори пред шест недели, му требаа четири години за тоа. Моментот беше многу емотивен… Немаше некој кој не плачеше во куќата“.
Кратко пред да наполни 18 години, Колин и бившата девојка поднесоа барање за легално старателство над Џејмс бидејќи самиот не е способен да се грижи за себе.
Претходно, Колин изјави дека синот Џејмс му е најголемата гордост:
„Ми го направи животот побогат, но не сакам да ги банализирам тешкотиите со кои се соочуваат многу семејства – стравот, фрустрацијата, болката…
Кога сте родител на дете со посебни потреби, важно е да бидете свесни дека не сте сами“.
Прочитајте и: Бил уапсен за убиство, има 18-годишен син со пречки во развојот – Факти за Колин Фарел
Спирова С. | Црнобело