Едвај дише, едвај оди – Што сѐ е подготвена да направи Ким Кардашијан за да биде ѕвезда на Мет гала?
- Детали
- петок, 17 мај 2024
„Ако чевлите имаа потпетица, таа може да се закачи за здолништето. Дишењето во корсетот е вистинска уметност“ – Ким Кардашијан објави нови фотки од подготвувањето за Мет гала.
Познато е дека Ким Кардашијан е една од дамите што секоја година дава сѐ од себе за да се подготви за Мет гала, а годинава се појави во фустан со тесен корсет, па ги подгреа гласините дека извадила ребра за да може да влезе во него.
Сега ријалити ѕвездата сподели неколку фотографии од тоа како течеле подготовките за нејзиниот изглед.
Од дизајнирањето на нејзиниот фустан врз претесниот корсет за кој мораше да вежба да дише, до високите чевли без потпетици, во кои едвај одеше - Ким дефинитивно оди до екстреми.
Претходно на Јутјуб каналот на Vogue беше објавено видео од финалната проба пред појавувањето на настанот во кое Ким ја прашуваат како дише во претесниот корсет.
„Ова е вистинска уметност. Но, успевам некако“ – одговори Ким.
Таа призна дека за првпат морала да има генерална проба пред настанот, заради изборот на чевли со кои одлучила да се појави.
Освен што мораше да вежба дишење, таа мораше да вежба и да оди. На Јутјуб е објавено и видео на кое се гледа како ги прави првите чекори со штиклите во кои цела вечер морала да балансира на прстите од нозете.
„Ова е паметно решение, затоа што ако имав потпетица, таа може да се закачи за металното здолниште“ – вели Ким.
До најновите фотографии што ги објави, на кои во крупен кадар се гледаат чевлите што ги носела, сестра ѝ Клои напиша:
„Невидливата потпетица е неверојатна. Како ти успеа? Јас дефинитивно ќе паднев...“
Но, Ким уште еднаш докажа дека е подготвена да направи сѐ за да го привлече вниманието на Мет галата, па дури ако треба и да не дише и да носи чевли коишто се противат на физичките правила за гравитацијата.