Израснал како сирак, дисквалификуван е од Евровизија заради напад врз жена – Факти за Јост Клајн од Холандија
- Детали
- вторник, 14 мај 2024
Настапи со емотивна песна на Евровизија, посветена на родителите што ги загубил кога бил дете, а заради еден инцидент не успеа да си го оствари сонот. Што знаеме за холандскиот претставник Јост Клајн и зошто беше дисквалификуван? Што тврди жената што била наводно нападната од него?
Покрај победникот на Евровизија, Немо, и Хрватот Бејби Лазања, најголемо внимание привлече и претставникот на Холандија, Јост Клајн, кој беше дисквалификуван дента пред да се оддржи финалната вечер.
Многумина мислеа дека тој е дисквалификуван заради односот кон претставничката на Израел, Иден Голан, на прес-конференцијата, кога се преправаше дека спие и се покри со знамето, но ЕБУ излезе со официјално соопштение и појасни дека ситуацијата е посериозна.
Имено, Јост е обвинет дека нападнал жена вработена во продукцијата и таа поднела пријава.
По дисквалификацијата на Јост Клајн, во холандските медиуми се пренесуваат двете верзии, онаа на музичарот, но и онаа на жената што била нападната – а јасно е дека двете верзии на приказната не се идентични.
Јост го призна инцидентот и рече дека по настапот имало голем број камермани и фоторепортери и тој ги замолил да не го снимаат, па одмавнал со рака и покажал со тупаница, но не нападнал никого.
Според неговата верзија тој се заканил со раката, но не удрил никого.
Камерманката, пак, тврди дека нејзината камера е скршена по нападот, а настанот го виделе повеќе сведоци.
„Јост Клајн беше многу агресивен. Тој ѝ ја скрши камерата на камерманката“ – тврдат анонимни сведоци за холандските медиуми.
Во моментов, Холанѓанецот се соочува со правните последици, а без разлика дали само замавнал со тупаница или навистина ѝ ја скршил камерата, тој може да се соочи со сериозни последици затоа што е познато дека Шведска има нула толеранција кога станува збор за насилството кон жени.