„Се расплакав кога си го видов телото по двојната мастектомија“: Холивудска актерка искренa за битката со рак на дојка
- Детали
- четврток, 18 април 2024
Во март годинава, актерката Оливија Мун откри дека пред една година направила двојна мастектомија поради рак на двете дојки. По операцијата, почнала да прима и хормонска терапија поради која е во индуцирана менопауза на 43 години.
Холивудската актерка Оливија Мун позната по улогите во Magic Mike и X-Men: Apocalypse беше дијагностицирана со рак на дојка пред околу една година.
По дијагнозата, во период од околу 10 месеци, на 43-годишната актерка ѝ биле направени неколку операции, вклучувајќи и двојна мастектомија (хируршко отстранување на дојките).
Сега, во искрено интервју за People, Оливија зборува за целото трауматично искуство, но и шокот што го доживеала кога првпат си го видела телото по мастектомијата.
Оливија ја направила операцијата во мај 2023 година, а одлучила да му дозволи на телото да ѝ закрепне пред да направи реконструктивна операција.
Оливија првпат си го видела телото без завои една недела по мастектомијата, кога отишла на проверка.
„Бев во шок. Ми беше многу тешко, се сеќавам дека само гледав во огледалото без никаква емоција и само впивав што ми кажуваше докторот.
Навистина пробав да се подготвам, но вистината е дека ништо не можеше да ме подготви за она што ќе го чувствував, за тоа како ќе изгледа моето тело, како ќе се справам со тоа. Беше многу потешко отколку што очекував.
Докторот ми велеше дека изгледам фантастично. А, ова дополнително ми ја отежна ситуацијата, бидејќи фантастично значи најдобро. Па, си помислив дека никогаш нема да изгледам подобро.
Кога си отидов дома, се соблеков и повторно се погледнав во огледало и тогаш почнав да плачам“.
Оваа есен, Оливија направила и реконструктивна операција, па вели дека сега ѝ е полесно да го прифати изгледот на нејзиното тело.
Во интервјуто таа открива и дека одбрала помали гради од нејзините природни.
По реконструктивната операција, актерката почнала да прима терапија за потиснување на лачењето хормони, со која се намалува ризикот од враќање на ракот.
Но, овие лекови не се без последици – сега актерката е во индуцирана менопауза, а има проблеми и со замор, како и паѓање на косата.