Роверот на НАСА направи фотографии од ретките бисерни облаци на Марс + 7 забавни факти за црвената планета
Постои причина зошто Марс е позната и како „црвената планета“ – целата нејзина површина е покриена со кафеаво-црвена почва и ретко кога ќе забележите и друга боја на некој од марсовските пејзажи.
Но неодамна роверот Curiosity на НАСА направи неколку фотографии од небото на Марс, на кои се гледаат бисерни облаци.
Фотографиите се направени во март, а НАСА ги објави пред неколку денови. На нив се забележуваат марсовските облаци, кои поради светлината од зајдисонцето имаат бела бисерна боја, но и суптилни нијанси на розова, зелена и сина.
Она што ги прави фотографиите уште поневеројатни е фактот дека облаците се ретка појава на Марс. Поради малото количество вода и составот на атмосферата, облаците најчесто се појавуваат околу екваторот на Марс, во миговите кога температурите се најниски.
Како што изјави еден од вработените во НАСА за време на прес-конференција: „Секогаш е кул да видите нешто со многу бои на Марс“.
Моментално Марс е најпримамливата планета за научниците бидејќи постои огромна можност наскоро да биде посетена и од луѓе. Првите записи за планетата датираат уште од древен Египет, а од тогаш до денес успеавме да научиме многу за неа.
Во продолжение погледнете дел од најинтересните работи што ги знаеме за Марс досега:
Каде се наоѓа?
Марс е четвртата планета во Сончевиот систем и се наоѓа помеѓу Земјата и Јупитер. Нејзиното растојание од Сонцето изнесува околу 228 милиони километри, а од Земјата – околу 54,6 милиони километри кога се најблиску една до друга. Поради движењето на планетите околу Сонцето, ова растојание се менува.
Уште поинтересно е што поради елиптичните орбити на Марс и Земјата, тие речиси никогаш не се толку блиску една до друга. Според НАСА, последен пат планетите беа на растојание од 54,6 милиони километри во 2003-та – првпат по 60.000 години. Наводно, повторно ќе се доближат на ова растојание други во 2287 година.
Колку е голема?
Марс е релативно мала планета. Всушност, во Сончевиот систем, единствено Меркур има помала површина. Дијаметарот на Марс изнесува околу 6.790 километри. За споредба, дијаметарот на Земјата е околу 12.740 километри.
Колку трае марсовскиот ден, а колку мавровската година?
Според податоците на НАСА, денот на Земјата трае 23 часа и 56 минути, а годината 365,25 денови.
Денот на Марс се нарекуваat и сол, а еден сол трае 24 часа и 37 минути. Годината на Марс, пак, трае 687 (земски) денови.
Зајдисонце на Марс фотографирано на 24 април 2019 година
Од каде потекнува нејзиното име?
Во римската митологија, Марс е богот на војната, а црвената планета си го добила името токму од дрвените Римјани. Поради црвената боја која ги асоцирала на крв, тие решиле да ја крстат планетата по нивниот бог на војната.
Всушност, разни народи си имале разни имиња за Марс, а повеќето биле инспирирани од нејзината црвена боја. На пример, дрвените Египќани ја нарекувале Her Desher, што може да се преведе како „црвениот“.
Колку природни сателити има Марс?
За разлика од Земјата, Марс има два природни сателити, односно месечини – Фобос и Демос – за кои експертите претпоставуваат дека се астероиди „заробени“ од гравитацијата на Марс. Нивните имиња се инспирирани од синовите на грчкиот бог на војната, Арес.
Интересно е што древните Грци ја нарекувале црвената планета Арес. Па, нејзините сателити се всушност нејзините деца.
Месечините на Марс се многу мали – Фобос има дијаметар од 22,2 километри, а дијаметарот на Демос е само 12,6 километри.
Зошто Марс има црвена боја и што има на нејзината површина?
Црвената нијанса на Марс е поради оксидацијата, односно рѓосувањето на железото во нејзините карпи и почва. Кога, пак, прашината од нејзината површина се крева во атмосферата, нам ни изгледа како целата планета да е црвена.
Површината на Марс е оформена од многуте вулкани, удари од астероиди, бури и слично.
На Марс се наоѓа еден од најголемите вулкани со Сончевиот систем, познат како Olympus Mons, кој е трипати повисок од Монт Еверест. Исто така, на мавровската површина има и неколку кањони, од кои најголемиот – Valles Marineris – има должина од дури 4.800 километри.
Експертите веруваат дека во минатото на Марс имало многу вода, бидејќи се најдени остатоци од речни корита, делти и езера. И денес има вода на Марс, но поради атмосферата, течната вода не може да опстане долго на површината. Сега, големиот дел од водата на Марс е замрзната.
Фотографија на НАСА од вулканот на Марс
Каква е атмосферата на Марс?
Најголемиот дел од атмосферата на Марс го сочинува јаглеродниот диоксид – дури 95,1%. Според НАСА, марсовската атмосфера содржи и 2,59% азот, 1,94% аргон и само 0,16% кислород.
За споредба, атмосферата на Земјата ја сочинуваат околу 78% азот, 21% кислород, 0,9% аргон и други гасови во мал процент.
Спирова С. | Црнобело