Пет футуристички технологии кои веќе се реалност
Од 3Д печатени органи, па сè до наметка што ве прави невидливи - технологијата направи вистински бум во последните неколку години.
Неверојатно е колку напредна технологијата само во последниве две децении. Пред 20-тина години, технологиите што ги имаме денес ни изгледаа како научна фантастика и не ни сонувавме дека ќе доживееме да ги видиме.
Во продолжение, пак, можете да дознаете за пет футуристички технологии кои веќе станаа реалност:
3Д печатени органи
Органите во нашето тело се толку комплексни, што ниту една машина не може целосно да ја имитира нивната функција. Барем сè до пред година-две.
Во 2019-та истражувачите од Rice University објавија студија во која откриваат дека успеале да направат 3Д печатени бели дробови, кои речиси совршено ги имитираат овие органи.
Моментално научниците се обидуваат да направат и копија на човечкото ткиво, кое би можело да се користи како материјал за изработка на 3Д печатените органи.
Нормално, потребни се уште истражувања и уште многу работа, но научниците се оптимисти дека набрзо ќе почнеме да произведуваме човечки органи, па луѓето на кои им треба трансплантација не мора да чекаат донор.
Вештачка мрежница
Според СЗО, околу 1,3 милијарди луѓе ширум светот имаат некаков проблем со видот, па вештачката мрежница е голем чекор напред во оптиката.
Научниците веќе направија вештачка мрежница, која ја претвора светлината во електрични импулси кои ги стимулираат невроните и, на некој начин, го враќаат видот.
Всушност, досега се направени неколку прототипови за вештачка мрежница, од кои повеќето се покажале како доста ефикасни. Ова значи дека наскоро постои можност да им се врати видот и на слепите луѓе.
„Растење“ органи во други животински видови
Потребни се уште многу истражувања за да се развие оваа технологија и да се приспособи за луѓе, но научниците успеаја да „израснат“ клетки од панкреас во едно животно, а потоа да ги трансплантираат во друго.
Научниците пробувале нова терапија за дијабетес и во телото на стаорец успеале да „израснат“ клетки од панкреас. Потоа, клетките биле трансплантиран во телото на глушец со дијабетес и, наводно, нивото на шеќер во крвта на глушецот било нормално околу 370 денови после процедурата.
Кога ќе се усоврши, со оваа технологија би можеле буквално да одгледуваме човечки органи во други животно – уште едно решение за луѓето на кои им треба трансплантација.
Испраќање вкусови преку интернет
За да вкусите нешто, треба да го ставите во уста, па звучи малку апстрактно дека може да се испрати вкус преку интернет. Но, научниците успеаја и во ова.
Тим научници од Универзитетот во Сингапур направија уред со чија помош можат да го испратат вкусот на лимонада преку интернет.
Нивниот изум се состои од специјален сад, односно чаша полна вода, и сензор. Сензорот ја скенира киселоста на лимонадата, а добиените информации ги испраќа до специјалната чаша со вода, преку интернет. Кога ќе се напиете од чашата, таа го стимулира сетилото за вкус со помош на електрични импулси, па вие го чувствувате вкусот на лимонадата која била скенирана.
Според испитаниците кои го пробале пијалакот, реалната лимонада имала малку покисел вкус од „виртуелната“, но генерално го препознавале вкусот.
Тимот вели дека е комплицирано да се копираат покомплексни вкусови, но можеби некогаш и тоа ќе биде реалност.
Наметка за невидливост
Ако сте фан на Хари Потер, сигурно барем еднаш сте ја посакале неговата наметка за невидливост, а се чини дека наскоро ќе можете да си ја купите.
Канадската компанија Hyperstealth Biotechnology направи материјал кој ја искривува светлината околу предметите, па ако застанете зад наметка направена од него ќе бидете речиси целосно невидливи.
Од тимот велат дека уште работат на материјалот и треба да застанете на одредено растојание од него за да бидете невидливи, но со текот на времето сигурно ќе го усовршат.
Спирова С. | Црнобело