7 надреални природни феномени и зошто се појавуваат

Нема личност која не ѝ се восхитува на поларната светлина, но знаете ли како настанува? А, знаевте ли дека постојат топчести молњи, но се толку ретки, што долго време научниците сметаа дека се измислица?

7-nadrealni-prirodni-fenomeni-i-zoshto-se-pojavuvaat-01.jpg

Светот е полн со чуда и природата ни приредува вистинско шоу со некои феномени. Дури и оние што ги гледаме секојдневно, како бојата на небото кога заоѓа Сонцето, секогаш нè восхитуваат. Но, овојпат ќе се фокусираме на оние необичните и причината за нивното настанување.

Погледнете како настануваат 7 природни феномени кои навистина изгледаат надреално:

Црвена или „крвава“ Месечина

Овој феномен се појавува за време на целосна лунарна еклипса, кога сенката на Земјата ја покрива целата површина на Месечината. Во овој момент Земјата се наоѓа помеѓу Месечината и Сонцето, а единствената светлина што допира до нашиот природен сателит се зраците кои поминале низ земјината атмосфера.

Бидејќи атмосферата не ги распрснува црвените зраци како сините, тие ѝ даваат црвена нијанса на Месечината.

7-nadrealni-prirodni-fenomeni-i-zoshto-se-pojavuvaat-02.jpg

Дожд од риби и жаби

Ова звучи навистина бизарно, но дождот од риби и жаби е реална појава. Ова настанува кога над реалтивно плитка вода се појавува торнадо, кое буквално ги собира рибите, жабите и другите живи суштества во него. Потоа овие животни паѓаат на друго место во таканаречен дожд од риби или жаби.

7-nadrealni-prirodni-fenomeni-i-zoshto-se-pojavuvaat-03.jpg

Поларна светлина

Поларната светлина е дефинитивно најубавиот природен феномен на Земјата, а настанува поради соларниот ветер. Овој соларен ветер се всушност наелектризирани честички наречени јони, кои патуваат од Сонцето до Земјата.

Магнетното поле на планетата го блокира соларниот ветер и нè штити од него, но некои јони остануваат заробени во јоносферата. Овде тие се судираат со атоми на кислород и азот, а енергијата што ја испуштаат од овие судири ја предизвикува поларната светлина.

7-nadrealni-prirodni-fenomeni-i-zoshto-se-pojavuvaat-04.jpg

Црвен дожд

Црвениот дожд настанува кога облаците „носат“ песок од пустината Сахара. Во нив песокот се меша со дождовната вода, која на крај добива црвенкаста или кафеава нијанса.

Кога дождот ќе престане и водата ќе се исуши, неретко ситните честички песок остануваат на асфалтот и сите површините каде што паднал дождот.

7-nadrealni-prirodni-fenomeni-i-zoshto-se-pojavuvaat-05.jpg

Топчеста молња

На научниците уште не им е целосно јасно зошто некогаш се појавуваат топчести молњи, со дијаметар од неколку милиметри, па сè до неколку метри. Иако најчесто се поврзуваат со грмотевици, наводно тие траат подолго од „обичните“ молњи.

Според некои постари записи, овие молњи можат да се појават и кога нема бура, но и да експлодираат, притоа оставајќи мирис на сулфур.

Бидејќи овој феномен звучи толку нереално, до неодамна научниците мислеа дека е измислица, но сега имаат неколку претпоставки за нивното настанување. Во истражување од 2019-та е поставена хипотеза дека оваа појава воопшто не е молња, туку светлина, односно фотони заробени во тенка сфера од воздух.

Некои, пак, сметаат дека топчестите молњи се всушност плазма – една од четирите основни агрегатни состојби на материјата.

Сепак, бидејќи топчестите молњи се непредвидливи и се појавуваат ретко, веројатно ќе почекаме додека да добиеме точен одговор.

7-nadrealni-prirodni-fenomeni-i-zoshto-se-pojavuvaat-06.jpg

Црвен или розов снег

Овој феномен го предизвикуваат алгите познати како Chlamydomonas nivalis, кои имаат црвен пигмент. Овие алги виреат во студена вода, најчесто во поларниот регион. Тие се појавуваат штом ќе почне топењето на снегот и тогаш му даваат црвена нијанса.

7-nadrealni-prirodni-fenomeni-i-zoshto-se-pojavuvaat-07.jpg

Три сонца

Некогаш, поради распрснувањето и прекршувањето на сончевите зраци, може да се создаде илузија на три сонца. Односно, на хоризонтот изгледа како да има три сонца.

Овој феномен настанува поради прекршувањето на сончевата светлина од малите кристали мраз во атмосферата. Може да се појави на кое било место на Земјата, во која било сезона, а најдобро се забележува кога Сонцето е најблиску до хоризонтот.

7-nadrealni-prirodni-fenomeni-i-zoshto-se-pojavuvaat-08.jpg

Спирова С. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Колку луѓе имаат стапнато на Месечината? (не се само двајца) Покрај Нил Армстронг и Баз Олдрин, знаевте ли дека уште 10 астронаути имаат прош...
НАСА објави најчисти фотки од нова област на Марс досега, откако најде можни знаци за живот на црвен... На поновите видеа и фотографии од роверот Perservance, можеме да ја видиме плане...
Најпопуларните вселенски фотографии направени досега (и зошто се значајни) Првата фотографија од црна дупка, но и фотографија од целосно затемнување на Сон...
Не смеат да се тушираат – Како изгледа животот на астронаутите кои се „заглавени“ во вселената до 20... Двајцата астронаути се заглавени на Меѓународната вселенска станица поради пробл...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg