Американска компанија планира да го изгради првиот вселенски хотел до 2027-ма (фото)
Компанијата Orbital Assembly Corporation (ОАС) има навистина амбициозна цел – до 2027-ма планираат да го направат првиот вселенски хотел кој ќе се наоѓа во орбитата на Земјата.
Неодамна компанијата ОАС сподели детали за нивниот план да ја изградат првата комерцијална вселенска станица, Voyager Station, која ќе има вештачка гравитација и ќе служи како хотел.
Ова е проект кој се планира со години, изградбата би требало да почне во 2025-та, а вселенскиот хотел ќе биде опремен со ресторани, кино, спа-центар и соби за 400 гости.
Хотелот, односно станицата ќе биде во форма на огромен прстен и ќе ротира, со тоа создавајќи вештачка гравитација речиси исто силна колку онаа на Месечината. Покрај „хотелските соби“, компанијата планира да продаде неколку капсули на вселенските агенции како НАСА, кои ќе можат да ги користат за истражувања.
Компанијата собира пари од приватни инвеститори за да можат да го финансираат проектот, а велат дека веќе склучиле договор со инженери, научници и пилоти од НАСА кои ќе им помогнат во изградбата.
На нивниот веб-сајт, тие споделија неколку спецификации за станицата – капсулите за луѓе зафаќаат површина од 11.600 метри квадратни, дијаметарот на станицата е 200 метри, а ќе тежи 2.418 тони. Целата станица ќе зафаќа простор од 51.104 метри кубни и ќе ја обиколува Земјата на секои 90 минути.
Вселенскиот хотел во споредба со Меѓународната вселенска станица:
До неодамна ваков проект би чинел навистина многу пари, но благодарение на ракетата на SpaceX, која може да се користи повеќе пати, трошоците се драстично намалени.
На пример, до неодамна беа потребни 8.000 долари за да се лансира товар од 1 килограм. Сега цената е спуштена на 2.000 долари за килограм, а со подвизите на SpaceX, се очекува цената да падне до само неколку стотици долари.
Ова значително го олеснува лансирањето на потребните материјали до орбитата на Земјата.
Најпрво компанијата ќе почне со тестирање на концептот за вештачка гравитација - ќе изградат ротирачки прстен во орбитата, со дијаметар од 60 метри, кој при ротација ќе треба да создаде вештачка гравитација послаба од онаа на Земјата. Ако направата функционира како што треба, ќе продолжат со големиот проект.
Кога ќе заврши тестирањето, компанијата ќе лансира робот, наречен STAR, кој ќе ја почне изградбата на рамката на станицата во орбита, а се очекува да завршат во 2027-ма година.
Спирова С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





