Студент направил соларни панели со отпад од храна - работат и на облачно време
Студентот Карви Ехрен Мигуе направил соларен панел кој е ефикасен и на облачно време - нешто што претставува голем проблем кога станува збор за соларната енергија.
Кога станува збор за соларна енергија, повеќето панели се ефикасни само на сончево време. Но, изумот на овој млад студент функционира и на облачно време. Иако во вакви услови панелот работи со помала ефикасност, ова сепак е чекор напред во оваа област.
За својот изум, Карви се инспирирал од поларната светлина. Всушност, дури и името на неговиот проект – AuREUS – потекнува од името „аурора бореалис“.
Тој вели дека во природата, кога настанува поларната светлина, честичките со висока енергија се апсорбирани од луминисцентни честички, кои потоа ги емитуваат како видлива светлина.
Во неговиот панел, Карви користи луминисцентни честички кои се наоѓаат во отпадот од храна. Кога врз овие честички зрачи ултравиолетова светлина, тие ја апсорбираат и рефлектираат видлива светлина.
Потоа, видливата светлина е насочена кон рабовите од панелите, каде што има фотоволтаични келии кои ја претвораат во електрична струја.
Ова значи дека Карви нашол начин да се искористи и отпадот од храна за изработка на неговите панели. За да ги оддели честичките што му се потребни, Карви ги меле овошјето и зеленчукот и ја прецедува течноста што излегува од нив.
Панелите на Карви се доволно големи за да можат да се користат за правење фасади на самоодржливи градби. Тој нагласува и дека самиот процес на изработка е доста флексибилен, па има многу простор за експериментирање и подобрување на дизајнот.
Карви се надева дека неговиот проект нуди барем некакво решение за проблемот со отпадот од храна.
Неговиот AuREUS систем ја доби и наградата James Dyson, во категоријата за одржливи дизајни, што му овозможува да го зголеми производството на овие панели.
Истовремено, панелите се веќе инсталирани на зграда во Монтреал и навистина изгледаат одлично.
Спирова С. | Црнобело / Фото: The James Dyson Award, Facebook