Астрономите открија нов систем со планети како Земјата: Дали постои живот на нив?
Астрономите открија ѕвезден систем со планети кои се чини дека може да има живот, на оддалеченост од 39 светлосни години.
7 планети кои личат на планетата Земја беа откриени близу џуџестата ѕвезда „Trappist-1“ и сите седум планети може да имаат вода на површината, една од клучните компоненти за живот.
Три од тие планети се во толку добра состојба што научниците велат дека на нив веќе може да постои живот.
Досега ниту една друга ѕвезда со планети не била откриена со толкав број на планети кои личат на Земјата и имаат компоненти како Земјата. Шест од откриените планети имаат температура помеѓу 0-100°C.
Секоја планета е именувана од 1b-1h, а се откриени преку „транзитниот“ метод кој подразбира истражување на планетите додека поминуваат пред нивната ѕвезда.
Дали постои живот во овој систем?
Според она што досега е откриено, првите три планети, 1b, 1c и 1d се премногу блиску до ѕвездата и премногу топли за да може да постојат океани на нив, додека пак, последната планета, 1h е толку оддалечена, што најверојатно е под мраз.
Иако сите 7 планети имаат вода во течна агрегатна состојба, само три од нив, 1e, 1f и 1g, ги имаат потребните атмосферски услови за да имаат и океани на својата површина.
Во овие океани веќе постои можноста да има еволуиран живот, но тоа сега засега, не може со сигурност да се потврди.
Тимот научници кои ги открија овие планети, веќе почна со уште поголеми телескопи позиционирани на различни делови од нашата планета, детално да ги проучува новооткриените планети.
А, тврдат дека, ако постои живот, тоа ќе се открие во наредната декада.
Меѓу овие 7 планети, 1f е најслична со Земјата иако е малку постудена. Оваа планета е со слична големина на Земјата, а добива само малку помалку енергија од својата ѕвезда, од количината која ја добива Земјата.
Ако постои живот, тоа може да се открие преку уникатни хемиски сигнали во атмосферата кои можат да се детектираат со поголеми телескопи.
Дали постои човечки живот на некои од планетите на „Trappist-1“?
Откако се откри дека 3 планети многу наликуваат на Земјата, се постави и прашањето дали постои човечки живот на тие планети или пак, дали постои можноста, еден ден, тие планети да бидат колонизирани со луѓе.
За тоа дали постои човечки живот може само да се шпекулира во контроверзни теории, но од друга страна, валидно е да се постави прашањето дали можеме ние да се населиме.
Бидејќи системот е оддалечен само 39 светлосни години, тоа значи дека е релативно блиску до Земјата, ако се земе предвид дека Млечниот пат е широк 100.000 светлосни години.
Сепак, мала е веројатноста дека можеме да стасаме до таму, со нашата моментална технологија.
„Ако не најдеме нов физички метод да ја искористуваме енергијата, не гледам можност да ги колонизираме овие планети, освен ако некој не се инспирира да открие нов начин на патување за да стасаме до таму“ - вели астрономот Игнас Снелен.
Колку и да е блиску ѕвездата, таа многу далеку за нас луѓето да патуваме дотаму.
Инаку, она што дополнително се открива е дека ваквиот тип на ѕвезди само на Млечниот пат е застапен околу 30 - 50%, а тоа значи дека сигурно постојат уште вакви планети кои личат на Земјата и кои можат да имаат живот.
Н. Г. | Црнобело