Хроника на птицата навивалка и уште 2 книги кои ќе ве наведат на длабоко размислување

Доколку сакате малку повеќе од обични „романчиња“, односно посериозно ангажирање на мозочните виуги, ви препорачуваме три фантастични книги кои ќе ве наведат токму на тоа – на размислување.

Knigi-koi-ke-ve-navedat-na-dlaboko-razmisluvanje-01.jpg

Неверојатниот Мураками, неповторливата и унукатна Славенка Дракулиќ и деби-романот на Лана Басташиќ кој ги собра сите пофалби на Балканот, но и пошироко. Дилемата е само – што да се почне прво?

Хроника на птицата навивалка – Харуки Мураками

Детективски заплет, магичен реализам, психолошка потрага по суштината на љубовта и соживотот, откопување на долго чувани тајни од Втората светска војна…

Ова е роман со необична и вознемирувачка атмосфера, проникнат со суптилна симболика, едно од најдобрите дела на Мураками.

Кога младиот Тору Окада ќе ја почне потрагата по избеганиот мачор, а подоцна и по исчезнатата сопруга, отвора вистинска Пандорина кутија.

А од неа излегуваат осамена тинејџерка од соседството, опседната со смртта, проколната куќа со пресушен бунар, амбициозен политичар со морничаво минато и мистериозно влијание, воен ветеран со потресна исповед, две видовити сестри…

Во стилот на Мураками и во духот на човечкото, некои мистерии остануваат енигми, но не и за оние кои умеат да читаат меѓу редовите на јапонскиот прислушувач на паралелниот свет.

Knigi-koi-ke-ve-navedat-na-dlaboko-razmisluvanje_3.jpg

Невидлива жена и други раскази – Славенка Дракулиќ

Дали со староста стануваме невидливи, што се случува со нашите тела, со нашиот однос кон другите и – уште поважно, со односот на другите кон нас?

Мрежите што ги плетеме цел живот одеднаш стануваат тенки и кревки.

Со преку шеснаесет раскази во оваа книга Дракулиќ раскажува за меѓучовечките односи, за релациите меѓу родителите и децата, за заминувањето, исчезнувањето, заборавањето, болеста, срамот и болката, за најдлабоките чувства за кои не се осмелуваме да зборуваме.

Длабоко емотивно, без задршка, раскажува за искуството при распаѓањето на животот. Катарзична, ослободувачка, удира во плексусот на современието.

Секој расказ посебно му влегува на читателот под кожа, терајќи го да застане, да размисли за себе и за другите, да биде шокиран, да заплаче, да се препушти и на емоциите и на разумот.

Knigi-koi-ke-ve-navedat-na-dlaboko-razmisluvanje_2.jpg

Фати го зајакот Лана Басташиќ

„Фати го зајакот“ е приказна за две жени и нивното сложено пријателство.

Дванаесет години по нивната последна средба, Сара добива телефонски повик од Лејла, по којшто решава да отиде на патување со автомобил од Мостар во Виена, со цел двете заедно да го најдат Армин, одамна исчезнатиот брат на Лејла.

Патувањето ќе се покаже како нешто многу повеќе од обично повторно поврзување на старите училишни другарки: товарот на нивната заедничка приказна на моменти станува претежок.

Романот на Лана Басташиќ за две млади жени кои понираат во поствоената Босна како две Алиси во Земјата на чудата е мудар, енергичен, страстен роман, кој најавува голем талент.

Knigi-koi-ke-ve-navedat-na-dlaboko-razmisluvanje_1.jpg

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Книги со кои треба да ја отворите 2025-та - новата читачка сезона Две сестри се грижат за себе бидејќи живеат со татко алкохоличар; две жени чиј ж...
Три книги од Зоран Спасов Ѕоф со кои ќе се смеете до солзи (а и ќе заплачете) Авторот Зоран Спасов Ѕоф пишува на скопски „јазик“, онака како што и самиот збор...
3 книги што не би ѝ дозволила на ќерка ми да ги чита (додека е тинејџерка) Кои 3 книги воопшто немаат наивна содржина и не би сакал да ги видам во мојот до...
3 помалку познати книжевни класици што вреди да им дадете шанса Кога ќе се спомне Франц Кафка, сигурно веднаш помислувате на романот „Процес“, н...
3 книги за сечиј вкус, кои нема да ви дадат мир додека не ги прочитате Роман кој зборува за срушените идеали на нашите иселеници кои заминуваат во стра...
Три кралски приказни: Книги кои ќе ги прочитате за еден викенд Од робинка до кралица, тајна руска агентка во времето на Распутин, жена што се п...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg