Три комплексни романи за читатели со истенчен вкус за книги
Марк Твен рекол дека „Човекот кој не чита добри книги не е ништо подобар од човекот кој не знае ни да ги прочита.“
За вас одбравме три неверојатно добри книги за читање.
Доколку се сметате за читател со истенчен вкус за добра литература, овие 3 наслови треба да се најдат на вашето следно читачко мени:
Татјана и Александар I: Втората Америка – Паулина Сајмонс
Татјана е 18-годишна бремена вдовица кога бега од војната во Ленинград со надеж за нов живот во Америка. Но духовите од нејзиното минато не се откажуваат лесно и неуморно ја прогонуваат.
Таа станува целосно опседната од помислата и вербата дека нејзиниот сопруг, офицерот Александар Белов, сè уште е жив таму некаде во војната и дека таа му е очајно потребна.
Во меѓувреме, на океани и континенти од неа, во Советскиот Сојуз, Александар едвај спасува жива глава од погубување и принуден е да води баталјон војници кои се сметаат за „потрошен материјал“ од страна на врвот на Советскиот Сојуз...
Кишот – Салман Ружди
Кишот e средовечен патувачки трговец со лекови и зависник од телевизиски емисии, кој тргнува на пат низ Америка со својот (измислен) син Санчо.
Додека се бори да ја освои љубовта на мис Салма Р, се вплеткува во низа трагикомични ситуации во „Ерата во која сè е можно“, додека расните судири и трговијата со дрога се само дел од факторите што го раскинуваат американското општество.
Салман Ружди игра со уште еден лик: Авторот, кој пишува за Кишот, чиј живот неосетно се движи во паралела (или се пресекува) со животот на Кишот и неговиот измислен син.
Конци на судбината – Марија Дуењас
Младата шивачка Сира Кирога во 1936 година го напушта Мадрид спроти граѓанската војна за да замине со Рамиро, човек кого го познава кратко и во кого е лудо вљубена, оставајќи ги зад себе свршеникот и самохраната мајка.
Се сместуваат во Тангер, светски и егзотичен град, во кој на почетокот водат живот од приказните.
Таму Сира доживува тешко предавство и останува сама и со многу долгови, принудена да се пресели во Тетуан, каде што со помош на пријатели со сомнителен углед отвора модно ателје за отмени клиентки.
Пред крајот на граѓанската војна и во текот на подготовките за Втората светска војна во Европа, судбината ја поврзува со важни историски личности…
(О)Милена | Црнобело