3 возбудливи книги кои ќе ги заинтересираат и оние кои не читаат премногу
„Вљубените во книгата никогаш не си легнуваат во кревет сами“. Дури и да не сте најголемиот мераклија за читање книги, искрено веруваме дека овие 3 ќе ве заинтригираат со содржината.
Напнат, мрачен трилер, неверојатната автобиографија на Орвел или богата, историска фикција за Версај - што ќе биде вашиот избор?
Умри за мене – Синтија Идн
Кетрин Кол била убедена дека нејзиниот свршеник е совршениот маж сè додека не дознала дека всушност е совршениот убиец. Тој ги оставал жртвите прободени низ срцето, со една црвена роза во рацете како негов заштитен знак и го нарекле убиецот Валентин.
Пред три години, тој исчезнал. А сега е вратен. И ја гони онаа која му побегнала. Во Њу Орлеанс, Кетрин за првпат по долго време се осмелува да се надева дека конечно е безбедна, но тој сепак некако ја наоѓа.
Па овојпат нема намера тивко да седи и да чека; ќе даде сè од себе да го запре монструмот кој порано го сакала, па дури и ќе му верува на еден полицаец кој ѝ ветува дека ќе се погрижи таа да е безбедна.
Никој и ништо во Париз и Лондон – Џорџ Орвел
Автобиографија, социјален документ, отрезнувачка вистина за ужасната стварност – „Никој и ништо во Париз и Лондон“ е едно од највредните дела на Џорџ Орвел.
Нудејќи ни живописен приказ на двата града, тој без трошка самосожалување ги изнесува вистините за бедата што ја доживеал во нив.
Освен што значи збогатување на едицијата класични дела „Безвременски“, со оваа книга читателите добиваат билет до едно друго општество и друго време.
Приказна за отмените француски ресторани и животот на скитниците – откријте ја некогашната вистина чиј призвук одекнува и во сегашноста.
Соперниците од Версај – Сали Кристи
Годината е 1745 година, а креветот на кралот Луј XV е повторно празен. Се појавува Жана-Антоанета Поасон, убава девојка од средната класа.
Како дете, една гатачка ѝ ја претскажала судбината на младата Жана: дека ќе стане љубовница на кралот и најмоќна жена во земјата.
Додека Жана, сега маркиза Де Помпадур, се справува со своите многубројни ривали ‒ вклучително и една сладострасна дворска дама, една дрска четиринаесетгодишна проститутка, па дури и една братучетка на озлогласените сестри Нел ‒ му помага на кралот да се предаде на живот исполнет со раскош и разврат.
Околу нив војната беснее, незадоволството расте, а Франција е сè поблиску до Револуцијата.
(О)Милена | Црнобело