Три наслови со кои треба да ја „отворите“ 2022 - новата читачка сезона
Во новата 2022 година донесете едноставна одлука – да читате повеќе. Освен што ќе ги нахраните умот и душата, бидете сигурни дека ќе станете подобри и поемпатични луѓе.
Затоа што не постои поевтино нешто од читањето и подобро кино од книгите.
Отворете ја новата читачка 2022 сезона со следните три нови, одлични наслови:
Засолниште во времето – Георги Господинов
Во типичен „Господиновски“ стил, новата книга на бугарскиот писател претставува моќен и брилијантен роман: јасен, претчувствителен, енигматичен.
Роман во кој иднината попушта како скапана греда, а минатото надоаѓа како поплава.
Ова е јубилејното 200-то издание на издавачката куќа Или Или, и е книга која не смеете да ја пропуштите.
Здравица – Саша Богдан
Здравица е новела за една посебна генерација, генерацијата на Мака, родена за време на Тито и растена во време на транзицијата.
Почнува со раѓањето на Мака, кога кумот пивнува малку повеќе, па категорично одлучува на новороденото бебе да му го даде името Македонка, на незадоволство на родителите.
Вечерта завршува со здравица на која Мака ќе се навраќа со доза на љубов, хумор и тага во текот на целиот свој живот: „Тито, Југославија, Македонија и Македонка ќе бидат вечни!“
Педесет цигари за Елена – Марина Вујчиќ
Оливер Радман во спомен на роденденот на својата сестра близначка, која загинала пред дваесет и шест години, решава да испуши педесет цигари.
Ја запалува првата цигара и на полноќ тргнува во прошетка низ градот, не насетувајќи дека ќе влијае врз животите на тројца луѓе: очајната мајка што не знаела дека нејзиниот сопруг е криминалец, младиот новинар што не може да спие ако некој се наоѓа покрај него на креветот и депресивната млада жена заробена во несреќен брак.
(О)Милена | Црнобело