Совршен лек за скршено срце – 3 книги кои ќе ви ја вратат вербата во љубовта
„Јас велам дека не постои такво уживање како читањето! Човек бргу се изморува од сè освен од книга! Кога ќе имам сопствена куќа, би се чувствувала мизерно доколку немам одлична библиотека.“
Вака ќе каже Џејн Остин, кралицата на раскошните викторијански романси, а ние целосно се согласуваме. Што е домот без книги?
Тие, воедно, понекогаш може да бидат и одличен лек што ќе го состави скршеното срце:
Драг Едвард – Ен Наполитано
Едно летно утро, 20-годишниот Едвард Адлер, заедно со брат му, родителите и уште 183 патници се патници на летот од Нуарк до Лос Анџелес. И тогаш – се урива авионот. Едвард е единствениот преживеан.
Случајот на Едвард го привлекува вниманието на јавноста, но нему му е тешко да се соочи со загубата на семејството. Непрестајно чувствува дека душевниот мир го изгубил на оној судбоносен лет и дека неговата судбина засекогаш е врзана со авионот и со преостанатите патници.
Но, тогаш открива нешто сосем неочекувано, нешто што ќе го доведе до одговорот на многу важни прашања: Како да се пронајдеш себеси кога си изгубил сè? Како да најдеш смисла во новиот живот?
Коски на срцето – Колин Хувер
На прв поглед, Самсон и Беја се потполно различни. Таа израснала во сиромаштија, запоставена од своето семејство; тој потекнува од богато семејство со изобилство од привилегии.
Единственото нешто што им е заедничко е тоа што и двајцата ги привлекуваат тажни нешта, што значи дека двајцата меѓусебно се привлекуваат.
Кога хемијата меѓу нив станува премногу силна за да се игнорира, двајцата се согласуваат на една незначајна летна романса. Она што Беја не го предвидува е бранот од емоции што надоаѓа и ризикот истиот да ја одвлечка во најопасните длабочини.
Оправдана љубов – Франсис Риверс
1850 година, времето на Златната грозница во кое мажите ја продаваат душата за грст злато, а жените телото, за една ноќ под покрив или за оброк. А, може ли да се сака и кога срцето е преполно со рани?
Колку простување може да има во една искрена, чиста љубов? За Мајкл Осија, скромен и чесен човек, Анџела значи сè. Ден по ден, тој го топи мразот од нејзиното срце, но зимата во нејзината душа не попушта лесно…
(О)Милена | Црнобело