3 предлог книги од нашата букстаграмџика Симона Мано
„'Полноќната библиотека' од Мет Хејг ми е една од омилените книги. Немам доволно зборови за да го опишам овој наслов од Мет Хејг, кој што не се воздржува да ги внесе своите идеи и мисли во оваа книга“, вели Симона Мано (35) од Штип, вистинска вљубеничка во читањето.
Симона Мано (35) од Штип е вљубеничка во читањето и мајка на две мали деца, Марко (3) и Петра (1), коишто вели дека секојдневно ѝ помагаат околу „уредувањето“ на нејзините полици со книги.
По професија е дигитален маркетер и има книжевен профил на Инстаграм (books_bys), каде што ја пренесува нејзината љубов кон книгите.
Нејзините предлози за читателите на CRNOBELO.com:
„Полноќната библиотека'' од Мет Хејг
Немам доволно зборови за да го опишам овој наслов од Мет Хејг, кој што не се воздржува да ги внесе своите идеи и мисли во оваа книга.
Ова е роман што предизвикува размислување и емотивно ги истражува можностите на нашите животи низ објективот на жалење, избор и самооткривање.
Приказната се врти околу Нора Сид, жена која во длабочините на очајот се наоѓа во магична библиотека која постои помеѓу животот и смртта. Во оваа библиотека, секоја книга нуди различна верзија од нејзиниот живот - онаа каде што направила различни избори и тргнала по различни патишта.
Целосната идеја на книгата е дека сите ние постојано донесуваме одлуки, големи и мали, и се прашуваме каков би можел да биде нашиот живот доколку би избрале поинаку.
Оваа феноменално четиво од Хејг нè учи како да го цениме животот кој го имаме, без разлика дали е совршен или несовршен! Приказната ќе ве остави да размислувате за вашите сопствени избори уште многу долго време откако ќе ја свртите последната страница.
За оние кои не се задоволни од својот живот, ова е вистинската книга за нив.
„10 минути, 38 секунди во овој чуден свет'' од Елиф Шафак
„10 минути 38 секунди во овој чуден свет” од Елиф Шафак е потресно и убаво изработено истражување на животот, смртта и врските што нè поврзуваат.
Сместен во Истанбул, романот маестрално ја испреплетува нарацијата за последните моменти од животот на Лејла која е сексуална работничка со ретроспективите на нејзиниот претходен живот.
Романот започнува со смртта на Лејла, жена чии последни моменти се минуваат во тишината на градската улица, каде нејзината свест се задржува 10 минути и 38 секунди.
Во овој краток временски период, Лејла размислува за клучните моменти од нејзиниот живот. Самиот наслов - 10 минути 38 секунди - станува симбол на кревката и минлива природа на животот, доловувајќи ја длабоката напнатост помеѓу краткоста на животот и богатството на човечкото искуство.
Ќе издвојам еден мој омилен цитат од книгата кој што долго ќе го паметам- „Во пустината на животот, глупавиот патува сам, а мудриот со караван“. Нема да погрешите доколку одлучите да ја читате Шафак, оваа авторка пишува лесно и убаво.
„Запишано во ѕвездите"од Паринуш Сание
„Запишано во ѕвездите“ е срцепарателен, но инспиративен роман кој фрла светлина врз предизвиците со кои се соочуваат многу жени во конзервативните општества.
Оваа книга е длабоко трогателен и моќен роман кој го следи животот на Масуме, Иранка чија судбина е обликувана од општествените очекувања, семејниот притисок и политичките превирања.
Масуме е просечна девојка, страсна за учење. На пат кон училиште, таа запознава локален човек и се заљубува, но кога нејзиното семејство ги открива неговите писма, ја обвинуваат дека ги обесчестува.
Таа е тешко претепана од нејзиниот брат, а нејзините родители набрзина и организираат да се омажи за човек што никогаш не го запознала.
Соочувајќи се со живот без љубов и со изгледите за никакво образование, Масуме е вознемирена, но благодарение на нејзината сосетка животот ќе ѝ се промени од корен.
Сание пишува едноставно, но моќно и допира до срцето на читателот. Мене лично книгата ме скрши на илјада парчиња, бидејќи приказната беше ролеркостер од емоции. Додека ја читаш, на моменти ќе заплакаш, на моменти ќе се радуваш или смееш.
„Секој од нас има судбина, а вие не можете да се борите со својата“ ова е омилениот цитат од книгата ,,Запишано во ѕвездите''. Топло ви ја препорачувам!
Прочитајте и Симона од Штип e книгољубец, со повеќе од 350 наслови во домашната библиотека: „Сара Џио е мојата омилена авторка“
С. С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





