Трагедија, комедија, историја – три нови книги чии страници уште мирисаат на свежо отпечатено
„Нема поевтина забава и подолготрајно задоволство од читањето“. Доколку сметате дека сите добри задоволства чинат многу, очигледно не сте се запознале со книгите досега.
За оваа недела ви нудиме три предлози чии страници уште мирисаат на свежо отпечатено.
Жанровски различни – трагедија, односно психолошки напната драма, мрачна комедија и историска фикција, сепак ќе пронајдете нешто за сечиј вкус:
Бебиситерката – Фиби Морган
33-годишната Керолајн Харви е избодена со нож додека го чува бебето на нејзината пријателка. Нејзиното тело е најдено врз креветчето, а бебето е исчезнато. Осомничен за убиството е нејзиниот љубовник, шармантниот Калум, кого го апсат додека со сопругата и ќерката е на одмор во Франција.
„Знам што правиш. Не земај го она што не е твое“ е пораката што се појавува на мобилниот на Керолајн вечерта пред да биде убиена и навестува длабоко закопани тајни.
Без поздрав: трагедија на манири – Патрик Девит
Комичен роман за една богата вдовица и нејзиниот син кои бегаат во Париз по финансискиот распад што го доживуваат во Њујорк.
Франсес Прајс, вдовица, посесивна мајка и познат лик меѓу богатите во Апер Ист Сајд, се наоѓа во незавидна положба – таа и нејзиниот возрасен син, Малком, се пред банкрот.
Принуден да ја дели нивната судбина е и стариот мачор, Малиот Френк, во чие тело Франсес верува дека живее духот на нејзиниот покоен сопруг, озлогласениот и неморален адвокат Френклин Прајс.
Дарбата на кројачката – Фиона Валпи
Париз, 1940. Во градот окупиран од нацистите, три млади кројачки се обидуваат да продолжат со животот најдобро што можат.
Но, трите девојки кријат животни тајни. Мирел, обележана од војната, се бори за Отпорот; Клер е во врска со германски офицер; а вмешаноста на Вивиен е нешто што таа не може да го сподели со ниту една од нив.
Две генерации подоцна, внуката на Клер, Хариет, пристигнува во Париз, очајна да најде врска со своето минато.
(О)Милена | Црнобело