Три љубовни романси за совршено есенско разгалување
Со доаѓањето на ладното време потребни ни се подолги и потопли прегратки, љубов и бакнежи. И секако, одлични книги со кои удобно ќе се стуткаме под ќебето на ладното време и вртејќи страница по страница ќе се насладуваме на прекрасната, романтична содржина.
Овој пат за вас имаме три одлични предлози – љубовни романси кои совршено ќе ги разгалат вашите сетила во оваа студена есен:
Јас и ти – Кристан Хигинс
Харпер Џејмс има одлично платена работа, куќа на плажа која ја обожава и тип кој го посакува скоро секоја жена во градот. Нејзината полусестра ѝ соопштува дека ќе се мажи за братот на нејзиниот бивши маж. После толку долги години, Харпер на свадбата треба да го види човекот чија појава ѝ го превртува светот наопаку.
Ник Ловери е маж кој многу добро знае како да ги добие и задржи работите што ги сака во животот. Освен една. Љубовта на неговиот живот која многу одамна му се лизнала низ прстите.
Госпоѓица Коко и мирисот на љубовта – Мишел Марли
Париз, 1919 година. Коко Шанел успева да подигне успешна модна куќа. Но, по сообраќајната несреќа на нејзиниот љубовник Бој Капел, ја одзема длабока тага и се гаси нејзината креативност. Новата сила да продолжи со својата работа ја црпи од желбата да создаде парфем во чест на својата љубов. Во потрага по тој парфем, го запознава харизматичниот Димитри Романов.
Тие двајцата заминуваат на пат на југот на Франција, лулката на сите големи парфеми и набрзо ја наоѓа трагата на „мирисот на љубовта“. Од тагата поради загуба на љубениот може да се пројави нешто големо и ново. Тоа најдобро го покажува големата Коко Шанел.
Мирисот на листовите чај – Дајна Џефрис
Сместена во ’20-тите години на минатиот век, приказната ја следи младата Англичанка Гвен, која има среќа да ја сретне љубовта на својот живот – русокосиот сопственик на плантажа од Цејлон (денес Шри Ланка). Таа доаѓа со пароброд на островот за да стапи во брак што ветува долг и мирен живот среде високите зелени ридови со чај.
Гвен наскоро ќе остане бремена, а нејзиниот сопруг е пресреќен. По породувањето таа се соочува со страшната одлука што мора по секоја цена да ја скрие од Лоренс. Кога вистината ќе излезе на виделина, дали сопругот ќе може да ѝ го прости на Гвен тоа што го направила?
(О)Милена | Црнобело