Морничави трилер мистерии кои ќе ве остават без сон
Времето поминато во читање книги никогаш не е попусто изгубено време. Овој пат за вас одбравме 3 напнати трилери исполнето со мистерии.
Ремек-делото на Стивен Кинг, уште едно врвно дело од германскиот автор Себастијан Фицек, а после читањето на „Гробна тишина“ дефинитивно ќе го запаметите името Арналдур Индридасон (или барем ќе го запишете на ливче за следната негова книга):
Кери – Стивен Кинг
„Стивен Кинг е автор што секогаш го прави невозможното толку страшно, што те тера да провериш дали си ја заклучил вратата“.
Неговата (анти) хероина Кери Вајт не е обична девојка. Таа има дар, односно може да поместува предмети со нејзиниот ум. Вратите се заклучуваат. Светилките паѓаат. Томи Рос ја поканува Кери да му биде партнерка на матурската вечер.
За неа тоа е исполнување на сонот – влез во средношколското друштво. Сè додека неочекуваната суровост не го претвори нејзиниот дар во оружје на хорор и деструкција кои никој никогаш нема да ги заборави.
Пакетот - Себастијан Фицек
Младата психијатарка Ема Штајн воопшто не излегува од дома од вечерта кога ја силуваат во хотелска соба. Таа е третата жртва на психопат кој новинарите го нарекуваат „фризерот“ затоа што им ги бричи главите на жените пред да ги убие.
Ема, единствената која успева да му побегне, се плаши дека фризерот ќе се врати по неа за да ја доврши грозоморната мисија.
Еден ден, поштарот ја замолува да прими пакет во име на нејзиниот сосед кој не одговара на ѕвончето. Кога пакетот влегува во нејзиниот дом, Ема станува попараноична од кога било претходно.
Гробна тишина - Арналдур Индридасон
Истрагата на исландската полиција започнува кога на дамнешните ненаселени ридови на периферијата на Рејкјавик е пронајден човечки скелет, стар неколку децении.
Разгледувајќи го овој одамна застарен случај, детективот Ерлендур и неговиот тим откриваат дека ридовите околу главниот град кријат неколку трагични приказни кои се случиле во дамнешното минато: за насилство, изгубена љубов и чест, криминал…
„Индридасон е еден од најдобрите писатели на трилери на денешнината“.
(О)Милена | Црнобело