Балкански автобиографии кои рефлектираат поинаква светлина на полуостровот каде што живееме
По дефиниција, автобиографијата е вид на литературен жанр, книжевно дело во кое авторот сам си го опишува животот, односно претставува опис на сопствениот живот.
Балканот е едно од најуникатните места на планетата, особено во социо-културолошка смисла. „Ние сме навистина случаи за набљудување“, ќе каже еден познат балкански автор, и не можеме да се согласиме повеќе.
Кои автобиографии од балкански автори, преку своите животни приказни откриваат за Балканот многу повеќе отколку што сте знаеле досега?
Танц околу Сонцето - Ведрана Рудан
Без цензура, без влакна на јазикот, хрватската писателка Ведрана Рудан, ја открива својата животна историја. Што е вистината? Сè е само впечаток.
Сосема искрено и без разубавување, Рудан пишува за своето ниту малку безгрижно детство, за децата и внуците, за патот што го поминала од продавачка на сладолед на плажа, до најчитаната писателка во регионов.
За тоа зошто во социјализмот било неможно да се добие отказ и како станала првата новинарка која успеала да добие отказ во новиот хрватски демократски режим.
Фајронт во Сараево - д-р Неле Карајлиќ
Топла, емотивна приказна за едно детско растење, созревање и стареење во земја натопена со крв, болка и нетрпеливост.
Приказната почнува во една кафеана во Младеновац и се враќа 40 години наназад, во предвоено Сараево, каде што границите на универзумот не ги надминуваат границите на Кошево, а носител на успехот и смислата на животот е фудбалскиот клуб „Жељо“.
Д-р Неле Карајлиќ, ѕвездата на „Забрането пушење“ и на „Топ-листата на надреалистите“, се открива како еден од најскапоцените инсајдери на митските југословенски приказни.
До последен здив – Раде Шербеџија
Книга за животот на еден уметник исполнета со филозофски размислувања за животот, театарот, пријателите и случувањата кои пресудно влијаеле во уметничка кариера на Раде Шербеџија.
Шербеџија го запознаваме како духовен номад кој постојано го истражува светот, трага по себеси и вистината.
Човекот кој не се дефинира себеси ниту како Србин, ниту како Хрват, туку како граѓанин на светот, преку својата биографија опишува еден распад (на поранешната СФРЈ) кој се случуваше константно во 80-тите и 90-тите години на минатиот век.
„Мојот дом е целиот свет, јас му припаѓам на светот, мојата земја патува со мене, таа е во мене, тоа е моето искуство, јас сум за мир, за договор меѓу луѓето. Сите сме различни, а всушност сме исти“.
*Книгата е преведена на македонски јазик.
(О)Милена | Црнобело