Нема да ги испуштите од рака: 3 книги за ментален одмор
Некои книги се како мед на разболено грло, тие ви ја греат душата и срцето и долго, долго ги паметите. Овие три, несомнено ќе ве разгалат и ќе ве потсетат како е да се биде лудо вљубен.
Ќе сочувствувате со ликовите, ќе уживате во приказните и дефинитивно ќе сакате да ги имате во својата домашна библиотека. А, нема да погрешите и доколку ги однесете некому на подарок.
3 книги за совршен ментален одмор и полнење душа:
Еленор и Парк – Рејнбоу Ровел
Нема да пронајдете потажна, повпечатлива и пољубовна приказна од онаа на Еленор и Парк. Еленор има проблематично семејство, очув кој ги малтретира. Таа е крупна, повлечена и отскокнува од толпата.
Парк е единствениот Кореец во училиштето и се бори со соптвените несигурности. Она што на почетокот ќе биде одбивност меѓу двајцата, ќе прерасне во вистинска, чиста, искрена љубов.
Перфектна хемија - Симон Елкелс
Алекс е 18-годишник со купишта проблеми, мрачно минато и несигурна иднина. Тој го живее животот на работ и е просто „лошо момче“. Британи навидум води совршен живот, каде што сè е подредено по конец.
Двајцата не може да бидат поразлични, а еден проект по хемија ќе ги спои. Облогот да се освои Британи ќе го натера Алекс да ѝ се приближи. Но тој ќе сфати дека животот му нуди многу повеќе од пропаст и неуспех, а Британи конечно ќе ја симне фасадата од својот перфектен живот.
Љубовта е чудна, таа доаѓа кога најмалку очекуваш.
Исповеди - Колин Хувер
Дали љубовта заслужува втора шанса? 21-годишната Обурн се обидува да го изгради својот урнисан живот. Таа решава да заврти нов лист каде што нема место за старите грешки.
Барајќи работа во едно уметничко ателје, ќе го запознае мистериозниот Овен.
Магичната привлечност си го прави своето, но Овен чува тајна која се заканува да ги уништи. Обурн чувствува дека нема простор за грешки и во обид да го зачува новиот почеток ќе се обиде да го оттурне Овен од себе.
Сепак, дали љубовта може да ги преживее овие пречки?
(О)Милена | Црнобело