3 современи македонски книги со кои ќе уживате на плажа (I дел)
Време е да срушиме два стереотипи – дека на плажа се читаат само лесни „лимонада“ книги и дека немаме добри современи македонски автори. Оној кој е барем малку упатен во современата македонска книжевност ќе знае да наброи барем 5 млади автори кои зас себе имаат солидно книжно парче.
За претстојниот одмор во куферот задолжително спакувајте ги:
Вишнова хроника – Фросина Пармаковска
Стилот на Фросина е хируршки прецизен, јасен, гласен и впечатлив. Доколку вистински се внесете во содржината ќе почувствувате како ви снемува здив додека читате и како грлото полека ви се суши.
Приказната започнува во мало правливо македонско селце кое е сведок на една невина и чиста детска љубов. Како и сите наивни приказни и оваа е ненадејно прекината. Сите понатамошни случувања кои го следат главниот лик се на некој начин поврзани и проткаени со отсутното присуство на малото девојче во кое анти-херојот се вљубил во минатото.
Кога доаѓа до дното на неговиот момчешки живот, неговата илузија дека повторната средба со детската љубов од минатото ќе ги реши сите проблеми пука како меур од сапуница.
Впрочем, идејата е толку универзална – копнеж по убавите спомени од минатото за кои веруваме дека може да ја исправат секоја „Крива Дрина“ во животот... но можат ли?
Доколку ви се допадне „Вишнова хроника“ (а речиси е невозможно да се случи спротивното), задолжително побарајте го и новиот роман на Пармаковска – „Одбројување“.
Мојот маж – Румена Бужаровска
Збирката раскази на Бужаровска ја прогласуваме за задолжителна животна лектира. Во продажба е четвртото издание на книгата, што навистина зборува многу во рамките на современата македонска литература.
„Мојот маж“ доаѓа дотеран со 11 необични раскази кои вешто навлегуваат во коскената срцевина на човекот. Она што го криете, а се смета за забрането, тајно, мрачно, срамно, безумно, лудо, ќе го пронајдете во расказите кои се ослободени од табуа и стеги. Всушност, на виделина се вади сета валкана облека грижливо здиплена во дното на плакарите и посипана со нафталин да не ја изгрицкаат молци. Само што алиштата се веќе мувлосани...
Интересно е што приказните каде што се раскажуваа за нечии туѓи мажи повеќе откриваат за нараторите, односно нивните жени. Долго, долго ќе размислувате за книгата откако ќе ја свртите последната страница.
Гаргара – Игор Станојоски
За „Гаргара“ во една рецензија се вели дека описите се како врвно филмско сценарио со динамични и возбудливи настани.
Главниот лик отвора подземно кафуле во Лавов, град во западниот дел на Украина. Необичното име потекнува од истоименото кафуле кое постоело на истата локација во далечната 1963 година.
41 година подоцна сé што останало од некогашната стара Гаргара е книгата за пофалби и поплаки која содржи 2 автобиографски раскази.
Новиот сопственик тргнува во близу невозможна мисија - да го пронајде мистериозниот автор на расказите и да ја дознае вистината за збришувањето на кафулето.
Ќе ви се вовлечат десетици прашања во главата додека читате и ќе ве тераат да ја вртите секоја страничка што е можно побрзо во потрага по вистината.
(О)Милена | Црнобело