Емотивни книги кои го покажуваат проблемот со расизмот
Расизмот може да има неверојатно лоши ментални последици кај луѓето кои се дискриминирани поради бојата на својата кожа. Во минатото луѓето со темна кожа немале еднакви права како другите.
Немале еднакво право на едукација, еднаква плата, избор на брачен партнер па дури и не смееле да седат напред во автобус. Сепак, расизмот сè уште не е искоренет кај многу луѓе.
Сè уште постојат луѓе кои веруваат дека заслужуваат повеќе само поради бојата на кожата.
Еве неколку книги кои перфектно го покажуваат проблемот со расизмот:
Чимаманда Нгози Адичи, „Американа“
Авторката која сите ја знаеме по цитатот за феминизам кој Бијонсе го стави во нејзината песна, е голем борител против расизмот. Нејзиниот роман „Американа“ зборува за тоа како изгледа детството во сиромашната Нигерија и како многу се принудени да се преселат во друга земја за да заработат.
Меѓутоа кога главната хероина во книгата се преселува во Америка, таа сфаќа колку е голем проблемот со расизмот. Почнува да пишува блог во кој ги прикажува секојдневните проблеми на афро американците на база на расизам. Делото е во исто време и прекрасна љубовна приказна која нема да ве остави рамнодушни.
Барак Обама, „Соништата на мојот татко“
Мемоар на американскиот претседател Барак Обама, во кој го опишува неговото детство во Хаваи. Приказната започнува со тоа како татко му ги напуштил него и неговата мајка кога тој имал само две години.
Во книгата има настани од неговото детство па сè до неговото школување на правен факултет. Емотивна приказна за наследство и за проблемите кои луѓето од потемната раса ги имаат секојдневно.
Маја Анџелоу, „Знам зошто пее птицата во кафез“
Автобиографија на позната писателка Маја Анџелоу. Приказната започнува кога таа има 3 години, а нејзиниот брат 4 години. Тие двајца се оставени од нивните родители да живеат со нивната баба во афро американска заедница.
Во книгата таа објаснува како била несигурна како дете и немала самодоверба токму поради тоа што живеела во заедница во која луѓето од нејзината раса биле дискриминирани и самите тие верувале дека не треба да имаат исти права. Прекрасна приказна со настани од емотивното детство на авторката.
Та Нехиси Коутс, „Помеѓу светот и мене“
Книгата е напишана во форма на писмо од авторот кон свој син тинејџер. Во писмото ги објаснува секојдневните предизвици кои ги имаат црнците во Америка.
Во писмата тој зборува како пораснал во гетото и морал да ги научи сите тајни кодови на заедницата за да преживее. Тој го објаснува неговото дество и се во што верувал за неговата раса сè додека не доживеал интелектуално будење кога се запишал на факултет.
Бел Хукс, „Нели сум и јас жена? Црните жени и феминизмот“
Книгата која покажува дека црните жени многу повеќе ги чувствуваат на своја кожа нееднаквите права на жените. Бел Хукс вели дека растот на сексизмот и расизмот во времето кога црнците биле под ропство придонел до тоа црните жени да спаѓаат во најзлоупотребена и налоша позиција денес.
Таа вели дека стереотипите од ропството сè уште влијаат врз однесувањето на црните жени денес и ги прави да бидат жртви на насилство и силување.
А. В. | Црнобело