5 современи македонски книги на кои треба да им дадете шанса
Од некоја чудна причина, многумина читачи ги одбегнуваат македонските книги, сметајќи дека тие немаат да понудат ништо ново или возбудливо.
Но, тоа е огромна грешка и преголема заблуда. Македонската книжевна сцена, особено последниве десетина години доживува вистинска експанзија.
Млади, талентирани и квалитетни македонски автори се намножуваат, а нивните книги се најдобри сведоци дека македонската литература има да понуди многу.
Па, доколку ви здосадија странските автори и сакате да прочитате нешто домашно и квалитетно, ви ги предлагаме:
Сестрата на Зигмунд Фројд – Гоце Смилевски
Во 2010 година овој роман на Гоце Смилевски ја доби Наградата за литература на Европската Унија. Авторот се вбројува во групата на најпреведувани писатели во Европа, а овој мајсторски роман фрла сосема поинаква светлина врз семејството на Зигмунд Фројд.
Сите знаеме по некоја детаљ за „таткото на психоанализата“, но што се случува со останатиот дел од неговото семејство? Што кога нараторот на приказната е неговата сестра Адолфина?
Потресен, трогателен, мајсторски напишан. „Сестрата на Зигмунд Фројд“ има одлична приказна и уште подобра нарација која ќе ви ги отвори очите за еден од највлијателните ликови во областа на психоанализата.
Вишнова хроника – Фросина Пармаковска
Со исклучителна наративна техника, овој несекојдневен роман на Фросина Пармаковска е хроника за растењето, раскажана од перспективата на мало детенце, а подоцна момче. Тој е толку уникатен колку и неговиот необичен живот и патот кој ќе го однесе од мало прашливо македонско селце до Париз. Времето кое не запира со сите премрежија и настаните кои се македонски, а всушност толку универзално познати длабоко ќе ве потресат.
3 минути и 53 секунди – Берт Стајн
Авторот кој се потпишува под псевдонимот Берт Стајн говори искрено и гласно за едно растење кое започнува во еден дел на Балканот, а завршува во Македонија во време на сериозни политичко-општествени превирања.
Според Google, 3 минути и 53 секунди е просечното траење на една модерна поп-песна, а од прилика толку време му е потребно на читателот за да прочита еден расказ од книгата.
Секоја глава е најавена од песна популарна во тој одреден временски период која остава своја неизбришлива трага врз животот на авторот.
Мојот маж – Румена Бужаровска
Жените кои зборуваат за своите мажи низ низа од импресивни раскази, всушност се соголуваат себеси: своите најдлабоки тајни, стравови, желби и фрустрации.
Жената во „Мојот маж“ менува толку многу улоги, таа е домаќинка, посветена сопруга, но и жена која е способна да изневери, таа е соучесник во злосторство, таа е нестабилна и плашлива, но и истовремено неверојатно силна и храбра. Ќе уживате во сите раскази и ќе биде скоро невозможно да си одберете само еден етикетиран како омилен.
Бело и црвено – Михајло Свидерски
Објавен во 2014 година, краткиот роман „Бело и црвено“ се чита во еден здив. Сместен е во специфични историски околности, но се чини дека случките, настаните и луѓето се безвременски. Кога ќе се тргнат борбата и идеологиите на една страна од кантарот, на другата секогаш натежнуваат суровоста, страдањето, немоќта и згазените соништа.
Светот нема време да се занимава со судбината на еден несреќник каков што е Тихон К. Василев. Пред почетокот на Октомвриската револуција тој успева да избега од Петроград, за да стигне во Битола, а на крајот ќе заврши... каде?
(О)Милена | Црнобело