5 одлични биографии за кои мора да одвоите време
Од сите литературни жанрови биографиите се особено интересни, бидејќи раскажуваат реални настани. Како што неретко се вели – „Животот пишува романи“, ова во голема мера важи и за петте биографии подолу, кои се подобри од која било фикција.
Затоа, одвојте малку време и прочитајте некоја од понудените вистинити приказни, кои ќе го променат вашиот став и поглед кон светот:
Јас сум Малала - Малала Јусафсај, Кристина Лемб
На само 16-годишна возраст, младата Малала Јусафсај стана симбол за мирен протест и најмладото номинирано лице за Нобелова награда за мир.
Што ќе се случи кога ви го скратуваат основното право – правото на образование?
Дали покорно ќе се помирите со нечија туѓа бесмислена одлука или ќе го кренете својот глас за промена?
Ова е една храбра и чудесна приказна за девојче во огнот на тероризмот која била застрелана од страна на Талибанците, за земја во која жените се маргинализирани, а таа силно верува дека дури и еден глас може да направи промена на светско ниво.
Опра – Кити Кели
Неисполирани и недотерани лични приказни на могулот Опра Винфри, излеани преку пишувачката визија на познатиот автор на биографии Кити Кели.
Оваа книга ја прикажува славната Опра во светло многу поинакво од она што оди задолжително покрај камерите.
Таа е смела и храбра жена која со своето скромно потекло успеа да направи вистински пресврт и револуција создавајќи не само медиумска империја, туку и глобална промена од повеќе аспекти.
Мојот татко Пабло Ескобар – Хуан Пабло Ескобар
Несомнено возбудливо четиво за култниот Пабло Ескобар, кој ја раскажува приказната од неколку аспекти – Пабло наркобосот, Пабло гангстерот, Пабло политичарот и онаков каков што бил во приватниот живот.
Какви мистерии се кријат позади најголемиот криминалец во поновата историја?
Презимето кое го носи неговиот син во поголем дел од времето е како тешко бреме, поради контроверзниот живот на својот татко... кој бил Пабло Ескобар?
Оваа биографија ќе ви одговори на сите неразјаснети прашања.
Да се живее за да се раскаже – Габриел Гарсија Маркез
Великанот на латиноамериканската книжевност интимно зборува за детството и родителите, како и сите пропратни постројки во неговото животно патување: пријателите, девојките, љубовта и смртта.
Во негов препознатлив стил проткаен со творечка имагинација, Маркез ќе ве поведе кон една од најубавите литературни авантури – неговата.
Дури и најкусиот момент, макар од неколку секунди кој ви оставил впечаток и на некој начин ве сменил и влијаел врз вашата судбина, треба да се третира како уметничка инспирација, порачува авторот низ страниците.
Бил Гејтс, претприемач и филантроп – Џин М. Лесински
Легендата, митот, човекот, оној чие име стои позади брендот Microsoft, оној кој ја моделираше компјутерската ера според сопствената визија.
Сепак, најголемото богатство и наследство на Бил Гејтс е во областа на филантропијата, бидејќи $56 милијарди долари се подарени во добротворни цели од негова страна.
Животот на човекот кој стои позади една од најуспешните компании во светот и неговото неверојатно влијание... книга која се чита во еден здив.
(O)Милена | Црнобело