Три морничави трилери од Тереза Дрискол за љубителите на мистерии
Киднапирање, закани, обид за убиство и семејни тајни... Писателката Тереса Дрискол на мајсторски начин создава морничави приказни, во чие читање ќе уживате ако обожавате трилери.
Тереса Дрискол е долгогодишен новинар, жена која преку 25 години работи на мрачни приказни и откривање на вистината за тешките судбини, киднапирања, убиства, демнење и насилство во многу британски семејства.
По сè што видела и доживеала низ годините, оваа новинарка почнала да создава фиктивни морничави трилери, инспирирани од злосторствата кои ги покривала и на чии приказни работела.
Во продолжение ви нудиме три книги кои сигурно ќе ви се допаднат и ќе ве држат до неизвесност до самиот крај:
„Те набљудувам“
Две млади девојки, Ана и Сара, заминуваат во Лондон да ја прослават матурската забава.
Тие тргнуваат на патување со воз, а во возот, друга девојка, Ела, случајно ќе слушне дел од нивниот разговор и тоа што ќе го чуе не ја остава рамнодушна.
Сепак патувањето на Ана и Сара нема да биде онакво какво што замислуваат - Ана, исчезнува…
Полицијата почнува да трага по неа, не знаејќи дали е жива или не.
Но, неочекувано се појавува клучен сведок што ја води истрагата во друга насока.
Работите дополнително се замрсуваат кога на површина почнуваат да испливуваат тајните на родителите на двете девојки, а тоа само ја отежнува потрагата по Ана.
Некој знае каде е таа, но не кажува, а Ана и една година подоцна, ја нема.
Па, почнува да се поставува прашањето - дали истата личност што ја киднапира Ана, сега ја следи и Ела?
„Ќе ти вратам за сè“
Една среда, мистериозен глас остава заканувачка телефонска порака во редакцијата на локалниот весник, но никој не ја сфаќа заканата сериозно.
Но, кога случката се повторува наредната среда, станува јасно дека заканите се упатени кон новинарката Алис Хендерсон.
Некој сака таа да страда, но не се знае зошто... Нејзините храбри написи ја направија популарна локална новинарка.
Од друга страна, можеби нејзиното минато, а не нејзината професија, е тоа што ѝ го стави животот во опасност...
Секоја следна среда, почнува нов терор за Алис, а со текот на времето, не само таа, туку и целото нејзино семејство се на мета на демначот.
Дали Алис може да открие кој стои зад сето ова, пред застрашувачките закани да станат незамислива реалност? И кој стои зад сите страшни закани?
„Нејзиното совршено семејство“
Секоја лага има своја цена, но многу луѓе не се свесни дека мора да ја платат.
Рејчел и Ед Хартли очекуваат денот кога нивната ќерка Џема ќе дипломира, да биде еден од најсреќните за нивното семејство.
Но, кога Џема ќе падне на сцената за време на церемонијата, прекрасниот момент се претвора во тотален хаос - таа е застрелана.
Приватниот детектив Метју Хил е меѓу првите на сцената.
Шифрираната порака што Џема ја добила претходно во текот на денот, укажува дека некој нејзин близок е замешан.
Како што Метју започнува да истражува, така наоѓа сè повеќе слоеви што ја заматуваат вистината.
Тој дури почнува да се сомнева дека родителите на Џема кријат нешто големо, но не само од него туку и еден од друг.
Додека Џема лежи во болница во кома, нејзиниот потенцијален убиец сè уште на слобода.
А. Ј. | Црнобело