5 антидепресивни книги за меланхоличната есен
Во пресрет на есента, во периодите кога чувствувате дека ве обзема блага меланхолија, не постои подобар лек од добра книга која ќе ви го крене расположението.
Во комбинација со топло чајче, кафе или добар чоколаден колач, удобно стуткани под покривачот, добрата книга може да ги разнесе сите тмурни облаци и да растегне имагинативен лак виножито над вашата глава.
Доколку немате идеја што да прочитате, топло ви ги препорачуваме овие 5 книги, кои делуваат како вистински антидепресив:
Долг пат до дното – Ник Хорнби
Лондон. Новогодишна ноќ. Четворица непознати луѓе се среќаваат на врвот на најпознатата зграда која уште ја нарекуваат зградата на самоубијците. Секој од нив е решен да си го одземе својот живот поради различни причини.
Но, пред да помислите дека ова е една тажна книга, бидете сигурни дека никогаш нема да пронајдете толку хумор, досетливост и смеа на едно место.
Ликовите се допадливи и лесно може да се идентификувате со нивните секојдневни маки.
Ќе се смеете, ќе сочуствувате со нив... а кога ќе дојдете до последната страница ќе ги откриете и своите причини за среќа, доколку веќе не ги знаете.
Пилешка супа за душа – Џек Кенфилд и Марк Виктор Хансен
Која е филозофијата за среќен живот? Сите приказни се интересни, но оние вистинските со себе носат печат на посебност, оставајќи длабока трага, а понекогаш и доволно моќ да ни го променат животот.
Двајцата автори собрале 101 приказна за душа, а целта е да ве инспирираат и мотивираат.
Овие неверојатни вистински приказни ќе ви ја исполнат душата со убавина и доволно среќа која ќе ве грее во најладните денови. Едноставно, ќе посакате да заживеете со полн здив, отворено срце и новопронајдената верба во љубовта и човештвото.
Старомодниот водич за љубов и романса – Кристи Гринвуд
Оваа топла, смешна приказна го следи животот на Џесика Бим, девојка која навистина знае лудо да се забавува. Но, откако ќе остане без работа и без покрив над главата, во сиот очај и безнадежност, Џесика решава да ја пронајде бабата која никогаш не ја видела.
Матилда можеби знаела како се освојуваат мажи во некои минати времиња, но нејзините старомодни совети се очигледно бескорисни во еден ваков циничен свет во кој живееме... или можеби не? Откријте што ќе се случи откако ќе се здружат бабата и внуката, во потрагата во романса и вистинска љубов.
Книга која се чита во еден здив и со целосно уживање. Ќе ја затворите со насмевка и ќе продолжите да мечтаете.
Нова Земја – Екарт Тол
Ова е една самопомагачка книга од која нема да ви се превртат очите, ниту желудникот.
Со мотото „Освестување на вашата цел“, авторот се занимава со патот кон себеспознавањето и промената на вашата свест.
Новата земја на Тол е место каде што ќе се издигнеме од пепелта и ќе се трансформираме во подобри луѓе, како за себе, така и за останатите.
Тоа е исто како да се погледнете во огледало и конечно да бидете задоволни од ликот кој ќе го видите во истото. Прекрасна литература за сите со отворен ум и отворено срце која ќе ве мотирива кон позитивна промена.
Скопје и сè е можно – Жарко Кујунџиски
Што кога четворица другари ќе добијат луда идеја која опфаќа кражба на споменикот „Воин на коњ“ од плоштадот во главниот град? Како да се украде споменикот висок 14,5 метри кој тежи десетици тони?
Многу хумор, скопски сленг и урнебесно смешни ситуации проткаени во оваа книга на македонскиот автор Жарко Кујунџиски, која драстично се разликува од неговите останати книги.
Динамично и шармантно, совршено за сив ден и тмурно расположение.
(О)Милена | Црнобело