Книгите кои ме прават среќна

Почетокот секогаш е најтежок. Изборот на зборови во некои ситуации е потежок од кој било почеток. Додека се обидувам да си ги соберам растурените мисли, пред очите ми излегува нотесот со зелени корици, каде што сум запишала еден цитат од „Планетата на неискуството“, првата книга на младиот македонски автор Гоце Смилевски:

knigite-koi-me-pravat-srekna-01.jpg

„Ми се измолкнуваш како сон додека се будам, како расказ кој го носам во себе, а не можам да го уловам во мрежата на зборовите“.

Веќе почнувам да ја осознавам мојата интимна и длабока врска со книгите, неверојатната и магична поврзаност со испишаните страници и „живеењето“ во кожата на авторот. Сега јас сум таа која се обидува да пронајде зборови, да ги смести на хартија и да им даде живот.

Би ја започнала приказната со спомени од училишните денови. Во седмо одделение, веднаш по завршувањето на зимскиот распуст, класната која предаваше македонски јазик, во обид да ја искаже својата лутина и гнев поради тоа што сме прочитале едвај две-три книги за време на празниците, со повишен тон почна да чита еден текст на Бранко Копиќ. Во текстот, авторот кажува дека книгата ја победува смртта, го победува просторот. Ни ги доловува неговите средби со Езоп и Марк Твен и „патувањата“ во далечните земји.

Неколку години подоцна, чувствувам огромна благодарност кон Копиќ. Ме „натера“ да пијам чај со Фројд, да сонувам за љубовта читајќи ја „Дениција“ на Петре М. Андреевски, да согледам колку присутно може да биде нечие отсуство.

knigite-koi-me-pravat-srekna-02.jpg

Започнав да верувам во судбина и случајности, сочувствувајќи со Невена од „Тунел“ на Андреевски, волшебникот со перо. Тој ме соочи и со суровата реалност, македонското проклетство секоја жена да чека некого. Но, нему му се спротивстави Симон де Бовоар, која ми шепна дека ниту една жена не заслужува да биде скршена, таа мора да има посебно место во светот каде што владеат мажите.

Во пркосот на младоста, се сретнав и со типичната американска психологија преку десетици книги кои алудираат на тоа дека ние, жените, сме од Венера, а мажите се од Марс. Но, „Скицата за првото писмо до Ема Гермова“ на Гане Тодоровски, „Љубовница“ на Блаже Конески, „Канционерот“ на Петрарка ме помирија со фактот дека сите, и мажите и жените, сме од Земјата и дека љубовта е највозвишеното нешто што може да му се случи на секој човек.

Тука би го сместила и Ерик Фром и неговата „Вештина на љубовта“, каде што се случува парадоксот две личности да станат едно, а сепак да останат две индивидуи.

Има една книга од која не би се одделила, која ја читам и препрочитувам. Неа ниту пламени не би ја уништиле. Да, зборувам за волшебната „Вештица“ на нашиот Венко Андоновски. Ако бев актерка, ќе сонував да ја оживеам Јована на театарските штици. Хранејќи си ја душата со зборовите на Андоновски ја откривав светлината и сенката, казната и наградата, љубовта и лудилото, животот и смртта, гордоста и стравот, страста и храброста, вербата и иронијата, времето и вечноста…

Тоа се само неколку од книгите кои ме прават бескрајно среќна. Книгите со кои заспивам, книгите со кои се будам, книгите кои ги прераскажувам.

knigite-koi-me-pravat-srekna-03.jpg

Автор: М.К. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Три книги за романтични души Постојат ликови во кои ќе се заљубите на прво читање и ќе ви бидат омилени уште ...
3 книги што не би ѝ дозволила на ќерка ми да ги чита (додека е тинејџерка) Кои 3 книги воопшто немаат наивна содржина и не би сакал да ги видам во мојот до...
3 книги што ќе ви донесат духовно богатство (и мирен ум) Читате ли книги за самопомош и просветлување? Сакате ли да ги следите светските ...
3 одлични книги за самопомош, што ќе ви ги откријат тајните за поголем душевен мир Како да научите да се ослободите и да побегнете од перфекционистичките очекувања...
4 книжевни предлози од македонските инстаграмџики Нашите инстаграмџики често знаат да се пофалат дека читаат одредени книги. Кои с...
3 романтични книги за деновите кога сакате да се опуштите Што сакаме да читаме кога се опуштаме? Сигурно нема да се зафатиме со некои тешк...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg