Топ 5 совршени книги за во лето кои нема да може да ги испуштите од раце
Во топлите летни денови, на плажа или дома, нема подобра релаксација од ладно кафе и добра книга. Освежување на сите сетила.
Летото е познато по авантурите, патувањата, љубовите и раскажувањата, но не сакаат сите ист тип на литература.
Затоа во овие топ 5 книги има за секого по нешто во кое може да се изгуби и да им се препушти на мислите кои ќе го одведат во некои други светови и нечии туѓи животи.
1. „Сè што премолчивме“ – Марк Леви (издание: Матица)
Интересна приказна за односот помеѓу татко и ќерка кои го пропуштаат животот за да си кажат многу работи кои ги премолчуваат. Ентони никогаш не е тука кога ѝ треба на Џулија, па дури ни на нејзината свадба. За жал единствено тогаш има оправдана причина. Наместо на свадба, Џулија оди на неговиот погреб. Сепак необичниот пакет кој тој ѝ го остава како подарок е најнеобичното патување на кое таа тргнува за да си ги кажат сите работи кои ги премолчиле и да открие многу нешта за љубовта и животот.
2. „Фото синтеза“ - Игор Анѓелов (издание: Или-или)
Урбана скопска приказна од улицата која раскажува за животот на еден обичен панкер кој се снаоѓа во градскиот живот и новите времиња. Не, не очекувајте раскажувања за тоа како се станува панкер, туку токму другата страна. Онаа обичната, едноставната, каде треба да се избори во околината. Да го задржи своето јас или да се претопи во масата. Да му го видите разголеното срце кога и тој се вљубува како и секој друг човек, кога и тој се дружи како сите останати и кога сите други гледа низ една поинаква призма.
3. „Барселона блуз“ – Франсеск Миралјес (издание: ТРИ)
Авторот вие добро познат ако сте ги читале „Љубов со мали букви“, „Посакувам да си тука“, „Најубавото место на светот е тука“, тогаш сигурно ќе побрзате да ја прочитате и оваа. Стилот на раскажување му е препознатлив, ве одведува на сосема различни страни, ви се чини дека читате за нечиие обично секојдневие, но треба да внимавате на попатните знаци. Токму тие ситници и ликови кои случајно се појавуваат повремено се клучни за да ви ја откријат тајната на крајот. Мајсторски напишана приказна за еден разведен издавач на книги за самопомош кој бега и повторно се враќа во градот кој понекогаш му е толку тажен и меланхоличен, како да слуша блуз.
4. „Куќа од хартија“ – Карлос Марија Домингес (издание: Антолог)
Ако сакате краток авантуристички роман со непредвидлив крај, ова е вистинскиот избор. Приказна која ја раскажува еден професор во Кембриџ за неговата колешка која загинува во сообраќајна несреќа, а тој по пошта добива книга потпишана од неа. Трагајќи по мистеријата која се крие зад пратката тој тргнува на пат и стигнува до Јужна Америка. Попатно се среќава со многу луѓе на кои им ја раскажува случката, сите се некако поврзани, му даваат насоки, но дури на крајот на патот ја открива целата вистина.
5. „И одеднаш едно лето“ – Џули Џејмс (издание: Сакам книги)
Можеби навидум типична приказна како за американски филм, но ситуациите во кои ќе се најдат главните ликови ќе ви ја држат возбудата постојано на високо ниво. Викторија и Форд се соседи кои не се поднесуваат, навидум, дрски и безобразни се еден кон друг, но и се привлекуваат колку што не признаваат. Двајцата не веруваат во љубов и емоции, но немаат проблем со задоволствата без обврски. Секој од различни причини, но принудени се целото лето да го поминат живеејќи врата до врата во иста зграда и обидувајќи се нормално да живеат без да си одолеат еден на друг. Ќе успеат ли?