Предлог книга: Ѕирнете во дневникот на заводникот
Сигурно барем еднаш во вашиот живот сте пишувале дневник во кој сте ги искажувале вашите секојдневни работи.
И сигурно дека секогаш сте посакувале да ѕирнете во туѓите дневници со цел да прочитате нечиви тајни, чувства и доживувања.
Токму и тоа ви го нуди книгата „Дневникот на заводникот” од Сорен Кјеркегор.
Сега ја имате можноста да ѕирнете во еден многу поинаков дневник, во кој еден заводник до ситни детали ги опишува своите заводнички интриги насочени кон младата Корделија.
Ако ви се случило да бидете заведени од некого, а воопшто не сте свесни зошто ве привлекува и како сте си дозволиле да бидете „лудо” заљубени, оваа книга ќе ви ги открие тајните на „големите” заводници.
Заводникот во оваа книга е прикажан како бесчувствителен, грд и повикува на омраза кај читателот токму во оние редови кога сфаќате какво зло извршува врз една млада и невина девојка.
Сето тоа изгледа како еден вид проучување на невиноста и безгрижноста која ја имаат младите девојки. Оваа книга е доказ како еден човек може да дојде во вашиот живот и да ги разбрани вашите мисли и сосема да ве промени како личност.
Уште ако ви откриеме дека тој инспирацијата ја црпи од своето лично искуство и дека самиот дневник е делумно вистината приказна, сигурно ќе посакате уште веднаш да ја прочитате.
Сторете го тоа и ѕирнете во овој поинаков дневник и погледнете ги одблизу тајните на еден заводник и неговиот така наречен „книжевен обид”.