Предлог книги: Топли приказни за студените зимски денови
Снег. Ветер. Виулици. Долги студени ноќи. Не постои посовршен период од годината за да се стуткаме пред каминот, печката или под топлото ќебе. Подгответе си некој вкусен топол пијалак, одберете ја омилената книга и впуштете се во книжевната авантура која ќе ви овозможи топло патување.
Читањето не само што ги грее срцето и душата, туку го проширува и умот, ја распламтува фантазијата и ве учи на нови работи. Како што рекол и големиот Монтескје: „Не знам ниеден проблем кој не се ублажил по еден час читање.“
Одберете си го својот фаворит меѓу овие предлози:
1. „Небо од капини“ од Наташа Крамергер (издание: Икона)
Приказна сместена во Амстердам каде се испреплетуваат личните приказни на младата студентка Јана од Словенија и италијанскиот рибар Бари. Она што ги спојува се случувањата во Амстердам, попатните луѓе кои се вплеткуваат во нивните животи и она во што тие се пронаоѓаат како ликови од различни краеви, различни генерации и различни доживувања, но под исто небо.
2. „Немиот дом“ од Орхан Памук (издание: Табернакул)
Наградуван роман чие дејство се одвива во Турција, непосредно пред воениот удар во 1980 година. Семејна драма во која се преплетуваат традиционални и модерни ликови и случувања. Инспириран од вистинска приказна раскажана низ писмата од неговиот дедо кој ѝ ги испраќал на неговата баба додека студирал во Берлин. Автентично пренесено преку ликовите на Салаетин и Фатма. Доживејте приказна од едно друго време и почувствувајте го пулсот на преданата љубов и почитта.
3. „Тајната на сопругот“ од Лиен Мориарти (издание: Сакам Книги)
Сесилија Фицпатрик е жената чија животна приказна се чини повеќе од совршена. Успешна е во својата кариера, мајка е на 3 деца и сведок на една нераскинлива љубов која ја доживува со нејзиниот сопруг.
Баш затоа, кога ќе дојдете до реченицата „Драга моја Сесилија, ако го читаш ова, тоа значи дека јас сум мртов... “ буквално нозете ќе ви се пресечат. Тука започнува откривањето на најмрачните и најдлабоки тајни кои засекогаш ќе го променат и уништат животот на многумина.
4. „Нека победи подобриот“ од Џули Џејмс (Сакам Книги)
Книга во која главна улога ја има феминистката Пејтон, која веќе 8 години се бори со мажите кои доминираат во овој свет. Нејзин вечен ривал е Џеј Ди Џејмисон кој потекнува од богато семејство и води гламурозен, успешен начин на живот.
Нивната приказна е сплет на милион ситуации и емоции, сè додека не откријат дека има само една позиција во компанијата за која и двајцата сонуваат. На ред е вистинска борба во која ќе победи подобриот!
5. „Сонувај малку“ – Сузан Елизабет Филипс (издание: Сакам Книги)
Забавна приказна за топло патување и малку сонување. Во Северна Каролина доаѓа очајна млада мајка со скандалозно минато, празен паричник и гладно синче која решава да си го промени животот и да почне од почеток. Немајќи веќе што да изгуби случајно се сретнува со еден човек кој има заборавено што е тоа нежност, но одлучуваат да се впуштат во смешно и трогателно патување на срцето обидувајќи се да си ги остварат своите соништа.