6 книги од домашни автори, по препорака на македонски вљубеници во читањето
Македонските букстаграмџии, односно вљубеници во читањето кои имаат свои книжевни профили на Инстаграм и редовно препорачуваат книги и свои размислувања за одредено дело, овој пат своите омилени книги ги споделија за CRNOBELO.com. Дали сте прочитале некоја од нив?
Вљубениците во читањето, кои имаат свои Инстаграм профили посветени на книгите и своите препораки за добар пишан збор ги споделуваат со нивните следбеници, во светот се познати под едно име - букстаграмџии.
Ни Македонија не заостанува зад овој светски тренд, па во земјава постојат голем број инстаграм профили посветени на книгите, книжевните препораки и размената на квалитетна содржина за читањт.
Токму затоа, книжевната препорака за овој викенд доаѓа од македонските букстаграмџии, а сите тие избраа книги од домашни автори.
Во продолжение, прочитајте ги нивните препораки - можеби нивната омилена книга ќе стане и ваша:
Фросина Трајческа ја препорачува „Победникот беше таа“ од Викоторија Костадиновска
Имам неколку омилени книги, но би го издвоила романот на нашата млада авторка Викторија Костадиновска - „Победникот беше таа“.
Оваа книга ја претставува борбата на една млада хероина, Нора, помеѓу негативните опкружувања.
Домашната атмосфера е сведена на постојан немир исполнет со критики, непочитување, отфрлање на бесот предизвикан од надворешни услови со надвикување, употреба на физичка сила за неприфатеното неправилно однесување и потценувањето на создадените успеси.
Таа во очите на нејзините родители е отсликана како недоволно добра, а тие со авторитетен став не ѝ дозволуваат со иста динамика да го продолжи пријателството со добронамерната пријателка Ека, за која Нора чувствувајќи искрена љубов и среќа поради нивната сплотеност.
Поставувањето забрани е секојдневно присутно, тагата за оддалечувањето од Ека за краток период се претвора во потрага по излез.
Нора ќе биде принудена да осмисли начин да се извлече од кафезот на темнината.
Но, на крајот доброто секогаш победува.
Александра Крстевска ја препорачува „Случајот Чернобог“ од Катерина Шошко
„Случајот Чернобог“ е психолошки, мистерија-трилер кој ќе го задржи вниманието на секој читател.
Се работи за млада режисерка по име Мона, која ќе се заинтересира за случајот на Нора Чернобог, кој е затворен поради неразјаснети причини.
Нора е млада девојка која е сместена во психијатриска установа поради тоа што е несфатена од општеството, но најмногу од нејзиното семејство.
Нора поседува способност за телекинеза и предвидување на настаните однапред, како и способност да предвиди што ѝ се има случено на одредена личност во минатото.
Шошко поседува маестрален стил на пишување кој ве води низ приказната без да почувствувате дека ви се многу 450 страници.
Како прва причина зошто треба да ја прочитате оваа книга е тоа да се уверите дека се добри нашите македонски автори, кои мислам дека се потценети од македонските читатели.
Ја препорачувам и на тие што се, но и на тие што не се љубители на книги со жанрот трилер-мистерија.
Иако се работи за натприродни сили, телекинеза, левитација, теми кои не се докажани дека постојат, сигурна сум дека ќе ве поттикнат да размислите малку подлабоко за тоа дали постои паранормален свет.
Дијана Јовановска ја препорачува „Шепотот на судбината“ од Ана Антовска
Оваа книга на Ана Антовска е вистинска книжевна магија што ќе ве понесе на патување исполнето со емоции и неочекувани пресврти. Оваа приказна не само што ме трогна длабоко, туку и ме остави без зборови, будејќи емоции што ретко се доживуваат.
Книга што длабоко се врежува во срцето. Приказната е толку волшебна и емоционална, што не можев да ја оставам додека не ја завршам.
Ликовите се прекрасно обликувани, реални и полни со живот, а нивните судбини ќе ве потресат до срж.
Секој нивен потег ве тера да сакате да продолжите да читате – книгата едноставно не ви дозволува да ја оставите. Ана Антовска со ова дело навистина „растури“, создавајќи книга која ќе остане долго во вашето срце.
Морам да признаам, плачев. Приказната толку силно ме погоди, што почувствував дека дел од таа болка ја носам и јас.
Ана Антовска мајсторски успеала да создаде свет во кој читателот се губи, а емоциите стануваат непресушни.
Ова дело е повеќе од книга - тоа е искуство што ја трогнува душата и остава траен белег. Ја препорачувам на сите кои сакаат приказна што ќе ги повлече и нема да им дозволи да ја остават.
Ана со ова дело ја докажува својата неприкосновена умешност! Пуштив солзи и од восхит пред талентот на авторката која успеа толку мајсторски да ги пренесе чувствата.