3 мистериозни романи со тензичен заплет, кои ќе ве држат во неизвесност до крај
Неочекувани ситуации, напнати моменти, тензичен заплет - овие романи ќе ве држат „на штрек“ до последната страница...
Романите од жанрот мистерија (кои се граничат со хорор приказни) се меѓу омилените во светската книжевност последниве години.
Приказни со неизвесен крај, описи од кои се замрзнува крвта, а сепак страници кои едвај чекате да ги прочитате до крај за да го дознаете расплетот.
Затоа, овој пат ви препорачуваме три мистериозни романи, кои ќе го држат вашето внимание од првата страница, па до последната.
„Стаклениот хотел“ - Емили Сент Џон Мандел
Ова е возбудлив роман во кој се испреплетуваат две навидум неспоиви случки - пропаѓање на огромна пирамидална шема и мистериозно исчезнување на една жена од брод на море.
Винсент работи како шанкерка во отмениот хотел „Кајет“ на најсеверната точка на осторовот Ванкувер.
Ноќта кога го запознава Џонатан Алкаитис, маскирана силуета остава морничава порака на прозорецот во фоајето на хотелот: „Да се наголташ срчи“.
Високо над Менхетен, со години се одвива поголемо злосторство - кога финансиската империја на Алкаитис ќе се распадне, ќе збрише неброени богатства и ќе уништи многу животи.
Додека ја читате книгата ќе „посетите“ многу места: кампови за луѓе кои ги изгубиле своите домови, подземни клубови за електронска музика, прекуокеанска шпедиција, луксузни хотели и федерален затвор.
И сето тоа ќе биде дополнето со приказната за лакомост и вина, љубов и заблуда, духови од минатото и неочекувани последици.
„13“ - Стив Кавана
Ариела и Боби Соломон се најпознатиот и најмоќен холивудски пар. Но, нивната идила завршува една ноќ кога Ариела е пронајдена мртва заедно со својот телохранител, а нејзиниот сопруг е обвинет за бруталното убиство.
Но, она што на прв поглед изгледа како злосторство од страст, може да е едно од низата убиства кои ги направил еден од најинтелигентните сериски убијци што некогаш постоеле.
Тој убива поради недостижниот американски сон и поради задоволството да гледа дека за убиството ќе биде осуден невин човек.
Но, овој пат убиецот не е на обвинителната клупа - туку седи во поротата која пробува да го осуди Боби.
Сепак, некогашниот измамник, кој станал адвокат, Еди Флин, не верува дека неговиот клиент убил двајца луѓе и се сомнева дека вистинскиот убиец е поблиску отколку што мислат сите...
„Пациентот“ - Себастијан Фицек
Тил Беркхоф го сака својот син Макс со цело срце. Го чува како сопствените очи и со сопругата постојано го предупредуваат никогаш да не оди со непознати, но еден ден Макс оди да игра со другарче и не се враќа дома.
По една година, Макс е и понатаму исчезнат, а само киднаперот знае што се случило со него - дали е жив или мртов…
Но киднаперот сега е во психијатриското крило на затвор со максимално обезбедување и одбива да каже нешто за киднапирањето.
Таткото на Макс нема друг избор за да стигне до вистината - тој решава да влезе во психијатриското крило на затворот како пациент, а има тајна мисија.
Неговиот план е јасен - нема потреба од насилство, тој сака само признание, последна шанса да си го пронајде синот.
Но, како и во секоја книга на Фицек, ништо не е така како што изгледа - до последната страница…
А. Ј. | Црнобело