„Тони“ и уште 2 книги од Румена Бужаровска кои ќе ве насмеат и замислат
Приказната за некогашниот скопски фраер Тони, кој и на 53 години живее со мајка му, е најновата книга од Румена Бужаровска - приказна која ќе ве врати во минатите времиња и ќе ви измани насмевка. Што друго да прочитате од нашата авторка?
Румена Бужаровска од Скопје е писателка, преведувачка и професорка по американска книжевност и преведување на Филолошкиот факултет во Скопје.
Таа е авторка на збирките раскази „Чкртки“, „Осмица“, „Мојот маж“ и „Не одам никаде“, на есеистичката книга „Господ, па Америка“, на детската книга „Што виде бубамарата?“, како и на книгата кратки фикции „Спиј“.
Последно од нејзиното милје четива е романот „Тони“ (книга за 53-годишен скопјанец кој живее со мајка си), а кој и читателите и критиката го опишуваат како „забавен“, „одличен“, „роман кој нема да сакате да го оставите од рака“.
Нејзините книги се преведени и објавени на петнаесетина јазици, а расказите од „Мојот маж“ и „Не одам никаде“ се вклучени во шест театарски претстави во земјата и во странство.
Затоа, во претпразничните денови, можете да прочитате една од нејзините дела - новата книга или некоја нејзина збирка раскази.
„Мојот маж“
Оваа збирка раскази е составена од приказните на 11 жени, кои раскажуваат за премолчените проблеми меѓу нив и сопругот, за сексуалните проблеми, болката, стравот и лагата, но и за илузијата и заслепеноста кои доаѓаат рака под рака со стравот.
Ова се приказни за безначајните лаги и работите што се кријат за да не ги разберат сопругот или соседите, преку општествените проблеми, па се до искуства за семејно насилство, национализам и семејни вредности.
Секојдневните ситуации прикажани на овие страници, покажуваат колку може да биде тежок животот во заедница.
Ова е книга во која подеднакво ќе се пронајдат и мажите и жените (а можеби и ќе го сменат својот став за некои свои гледишта и навики).
„Тони“
Тони е поранешен рокер од Скопје, 53-годишен маж кој и понатаму живее со мајка му, а работи во државна институција.
Има две деца од различни жени, но со нив нема никаков контакт.
Иако е веќе остарен, на моменти се однесува како тинејџер. Ги знае сите градски фаци, зашто и самиот е еден од нив.
Во текот на пандемијата, ненамерно, но сепак по своја вина, предизвикува неколку настани кои освен што го менуваат неговиот животот, влијаат и на луѓето околу него.
На моменти романот е комичен, на моменти брутално искрен и трагичен.
„Не одам никаде“
Во оваа збирка, Бужаровска раскажува 7 приказни кои одлично ја доловуваат македонската современа реалност.
Ликовите (фиктивни или не) се огледало во кое ќе се препознае читателот сам, но ќе ги препознае и своите пријатели, колеги, саканите личности...
Во овие раскази авторката ја прикажува сликата на нашата земја преку наметнатите патријархални, но и политички и социо-економски односи, прашањето за иселувањето и комплексот на инфериорност кон западниот свет.
Преку мрачен хумор, некои од расказите се занимаваат со теми како неверство, осаменост, потрага по смислата на животот, а други истражуваат политички теми.
А. Ј. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





