3 книги за млади што можете да ги прочитате за време на пролетниот распуст
Три романи наменети за младите читатели. Идеални за да одморите од лектирите и класиците, а кои ќе ве натераат да размислувате и за тоа во каков свет живееме денес.
Пролетниот распуст е пред вас. Време за одмор, дружба со најблиските и со семејството, а секако може да биде повод и за да се прочита некоја добра книга.
Ако сакате да побегнете од задолжителните лектири и класиците, ви препорачуваме да прочитате некои од овие три забавни романи за млади, што сигурно ќе ви се допаднат.
Со таа напомена што ова се книги наменети за повозрасни младинци, односно за средношколци.
Станува збор за три различни четива што секако ќе им се допаднат на младите читатели, додека сакаат да одморат од тешките теми опфатени во романите на Достоевски и Кафка.
Што може да прочитате овој распуст?
„Сејди“ - Кортни Сaмерс
Станува збор за мрачен трилер, во кој главната улога ја има девојката Сејди, која целиот свој живот мора да се грижи за својата помала сестра Мати и да обезбеди основни средства за живот.
Еден ден кога нејзината сестра е најдена мртва, Сејди се обидува сама да најде докази и да го фати убиецот, но никој не знае што се случува со неа.
Вест Макрај е радио новинар кој кога ќе ја слушне приказната за двете сестри на локална бензиска пумпа, станува опседнат со нивниот случај.
Започнува свој подкаст во кој ја следи истрагата на Сејди и се обидува да дознае што се случило со неа и со нејзината сестра.
„Шепотено“ – Павел Беренсевиќ
Што сѐ сте подготвени да направите за да соберете пари и да си ги остварите соништата? Сонот на Филип и неговите другари е да присуствуваат на фудбалскиот натпревар од Лигата на шампионите во Варшава.
Само имаат еден мал проблем. Потребни им се пари за билети.
Тие одлучуваат да почнат да заработуваат така што стануваат пред зори и делат летоци на случајните минувачи...
Креираат објави на интернет за да промовираат производи...
Парите лесно се собираат, но момчињата се соочуваат со нови проблеми што ќе го стават нивното пријателство на тест, но и ќе ги вовлечат во мрежа полна со лаги и нешто шепотено.
„Убоди“ – Диадре Саливен
Сес е девојка која најмногу од сѐ сака да биде тату артист, но прво мора да ги преживее сите пресврти што ѝ ги носи животот.
Оваа книга се осврнува на приказната на младата девојка која заедно со мајка ѝ побегнала од насилството во нејзиниот дом, но понекогаш не е доволно само да си заминете од насилникот.
Сес е таа што мора да се потруди да го одржи она што останало од нејзиното семејство, додека Мајка ѝ Лаура целосно се распаѓа и заборава дека таа е возрасна во ситуацијата и мора да се грижи за сопственото дете.
Б. С. Б. | Црнобело