3 одлични турски романи, за љубителите на историска фикција
„Хурем московската наложница“ ја следи животната приказна на Хурем султан, која од мало девојче кое е донесено како подарок во харемот на Сулејман Величествениот ќе стане најмоќната жена во Отоманската Империја. Кои други турски романи вреди да ги прочитате?
Романите и книгите се одлично бегство од реалноста. Ве носат во некој нов свет, зборуваат за некои времиња што одамна поминале или, пак, ви отвораат нови светови и видици.
Овој пат ви предлагаме 3 одлични романи од турски автори, што не би требало да ги пропуштите:
„Хурем московската наложница“ – Демет Алтинјелеклиоглу
Со животот на Хурем султан, македонската публика имаше можност да се запознае благодарение на серијата „Сулејман Величествениот“, а овој роман претставува историска метафикција, односно фиктивно прераскажување на животот на познатата турска султанија. Приказната е измислена, но ликовите се вистински.
Дејствието се случува на почетокот на 16-ти век, кога малата Александра Анастасија Лисовска доаѓа како подарок во харемот на султанот Сулејман.
Описите на животот од тој период се детални и сликовити, а читателот има можност да го проследи трнливиот пат што Александра ќе го помине за да стане најмоќната жена во Отоманската Империја.
„Врати се кон животот“ – Ѓулсерен Будајџоглу
Романот на турската психијатарка Ѓулерсен Будајаџоглу предизвика толку голем интерес, што според него е снимена и популарната турска серија „Истанбулската невеста“.
Приказната се врзува за девојката Ала, која израснала без љубов во домот на нејзината баба Есма-султан и мајка ѝ Суреја која ја запоставувала, додека таткото на девојчето е во затвор.
Ала е повлечена девојка, која смета дека не е доволно убава, а за да ја надмине болката што ѝ ја нанел животот тргнува на психотерапија.
Преку приказните за младиот фараон Тутанкамон, за Хитлер и Фројд, за љубовните афера на жените од 18-тиот век, психотерапевтот почнува да наѕира во мрачната приказна на Ала.
Приказна што засенува сè, со болка, ужас и тага… Но, и приказна за успехот што следува по допирот на волшебното стапче на психоанализатa.
„Последниот воз за Истанбул“ – Ајше Кулин
Уште еден одличен роман за љубителите на историската фикција. Селва е ќерка на отомански паша, која може да се омажи за кого и да посака, но таа се вљубува во Рафаел Алфандари, синот на еврејскиот лекар кој работи на дворот.
Селва и Рафаел одлучуваат да се борат за љубовта и покрај тоа што нивните семејства не ја прифаќаат нивната љубов и заедно бегаат во Париз за да изградат нов живот.
Но, во мигот кога нацистите ќе ја окупираат Франција, тие ќе сфатат дека ниту политиката, ниту религијата не се посилни од семејството.
По ова, приказната нè води преку Париз, во Каиро и Берлин, а „Последниот воз за Истанбул“ е авантура што мора да ја прочитате.
Б. С. Б. | Црнобело