Интервју со писателката Анастасија Лефкоска: „Савески е книга за општеството и кон општеството“

Писателката Анастасија Лефкоска пред два месеци го издаде своето второ дело, роман насловен „Савески“.

intervju-so-pisatelkata-anastasija-lefkoska-saveski-e-kniga-za-opshtestvoto-i-kon-opshtestvoto-01.jpg

„Савески“ е фиктивен роман во кој од самиот почеток се испреплетуваат внатрешното и надворешното: копнежите, скриените желби и соништата наспроти реалноста. Дејството се врти околу семејството Савески и нивната неуморна желба да бидат совршени, пристојни и над сѐ што е човечко, но проблемот настанува кога годините на потиснување на човечкото си го прават своето и емоциите кулминираат, па така секој од семејството Савески е принуден да почне да си го преиспитува животот.

Романот претставува еден искрен, детален и критички настроен коментар упатен кон балканското општество и застарените традиционални вредности, кои повеќе гушат отколку што придонесуваат кон нормалното функционирање на единките во тоа исто општество. Во центарот на приказната го среќаваме семејството Савески, добро ситуирано семејство од Гостивар, кое однадвор изгледа среќно и поврзано, скоро совршено, но одвнатре, всушност, е гнило и мизерно. Имено, секој од членовите е несреќен на свој начин и копнее по нешто поинакво – пишува рецензентот, професор Марина Трпеска.

Романот е издаден под покровителство на Министерството за култура  од страна на Центарот за Култура „АСНОМ“ во  Гостивар

Со цел да дознаеме нешто повеќе за делото кое е малку поинакво од сè досега на македонската книжевна сцена поразговаравме со авторката.

Интервјуто имате можност да го проследите подолу.

Како започна приказната на „Савески“ и што е она што те натера да ја напишеш баш неа?

 „Савески“ беше едно неочекувано и мошне тешко изненадување. Сè започна со една реченица која потоа низ текот на три години се претвори во цели 224 страници. Инспирацијата беше секојдневниот живот, но најмногу начинот на кој женските деца се третирани во балканското општество. Тие се тие кои мора да се жртвуваат; да остават сè зад себе, вклучувајќи го и сопственото презиме и идентитет и да заминат во „туѓа куќа“.

Мислам дека семето на „Савески“ се засади тогаш кога ја слушнав реченицата „Остави ја нека одмара и ужива додека може, туѓа куќа е, кога ќе замине таму нема веќе одмор“.

intervju-so-pisatelkata-anastasija-lefkoska-saveski-e-kniga-za-opshtestvoto-i-kon-opshtestvoto-02.jpg

Што значи концептот на „туѓа куќа“ и како тој има улога во романот?

Концептот на „туѓа куќа“ е феномен кој постои само на Балканот. Не велам дека сите го практикуваат и дека се свесни за него, но од искуство, повеќето така гледаат на светот и тој некој си ред.

„Туѓа куќа“ е кога во семејството ќе се роди девојче за кое се подразбира дека еден ден ќе се омажи и со себе ќе понесе само една спална соба и ништо повеќе, па затоа на некој си начин, иако расте во тоа семејство, девојчето сепак се смета за некој чие место е таму привремено.

„Савески“ многу добро навлегува во овој концепт со тоа што јасно ги укажува разликите помеѓу двајцата близнаци Марио и Марија и контрастот како тие се третирани во склопот на семејството „Савески“, што апсолутно не значи дека едниот има повеќе придобивки од другиот, напротив ваквиот начин на размислување ги повредува двете страни.

Како би го опишала романот од сегашна гледна точка?

„Савески“ е книга за општеството и кон општеството, делото е критика, феминизам и лекција спакувана во едно. Книгата има исклучителна емоционална тежина и цврста и јасна порака.

Се надевам дека на оние кои ќе ја прочитаат ќе им се допадне, а и да не им се допадне, се надевам дека ќе пронајдат барем една убава реченица во неа.

Што е тоа што романот го прави поразличен од сите останати и кои теми преовладуваат во него?

Наративот на свеста тука мислам дека игра најголема улога, сакав да напишам дело кое покажува, наместо да кажува. Сакав да навлезам во психата на ликовите и да направам контраст помеѓу она што го живеат и она што посакуваат да го живеат, а поради некое си чувство на вина, должност или грижа на совест, не можат.

Делото обработува бројни теми што се „табу“ во нашето општество, како што се: ментално здравје, семејно насилство, национализам, тага, несреќа, политика и многу други кои се прикажани еднакво низ животите на споредните ликови исто така како што се и прикажани низ животите на семејството „Савески“.

Тука е и корицата чиј автор Јасна Костандиновска совршено го преслика делото од мојата глава на хартијата на еден макро, но воедно и микрокозмичен начин.

Која е твојата порака кон читателите?

Што се однесува до „Савески“, мојата порака е оваа: Се надевам дека ова дело ќе ви одговори некои (не)прашани прашања во главата и се надевам дека ако (за жал) се наоѓата во иста или слична ситуација како некој од ликовите, ќе најдете сила да излезете од неа затоа што на крајот на краиштата ништо не е побитно од вашиот живот, слобода, здравје, среќа и автентичност.

Што се однесува до општата порака, таа отприлика изгледа вака: Одвреме – навреме зборувајте со блиските, прегрнувајте ги, напишете некој стих, отпејте некоја песна, нацртајте некоја слика. Направете нешто што ве прави среќни и усреќите некого барем еднаш неделно и запаметете: Иднината е страшна, ама и многу убава баш затоа што е незапишана.

Авторката Анастасија Лефкоска е студент на четврта година на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, при Катедрата за англиски јазик и книжевност. Со пишување се занимава од најрана возраст. Во 2019 година ја издаде новелата „Сѐ она што никогаш не можев да ти го кажам“, за која доби „Признание за афирмација на македонскиот јазик и литература“ од Здружението за книжевен развој „Нов Вавилон“ – Битола. Има освоено прво место за есеј на државно ниво на конкурс од УСАИД, „Златна плакета“ за поетска творба од Меѓународната манифестација „Вилијам Шекспир“ и други.

Би можело да ве интересира:

3 книги што може да ги подарите за 8-ми Март Цветот ќе овене, добрата книга со посвета ќе остане спомен засекогаш. На вашите ...
4 книжевни предлози од македонските инстаграмџики Нашите инстаграмџики често знаат да се пофалат дека читаат одредени книги. Кои с...
Предлог наслови од познатите Македонци: Која книга им оставила најголем впечаток? Кои им се омилени книги на познатите Македонци? Која е една книга што им оставил...
3 одлични книги за самопомош, што ќе ви ги откријат тајните за поголем душевен мир Како да научите да се ослободите и да побегнете од перфекционистичките очекувања...
3 книги што ќе ви донесат духовно богатство (и мирен ум) Читате ли книги за самопомош и просветлување? Сакате ли да ги следите светските ...
3 одлични трилери без кои не треба да си заминете од Саем на книга 2024 Кои три трилери вреди да ги набавите годинава на Саемот на книга? Издвојуваме тр...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg