5 книги без кои не треба да си заминете од Саем на книга 2023
Од белетристика до криминалистички и детективски романи. Од литература за деца до научни изданија и биографии. Саемот на книга во Скопје и годинава ќе изобилува со голем избор на книжевни изданија. Издвојуваме 5 книги што сигурно ќе бидат меѓу најбараните на Саемот.
Од 4-ти до 10-мај се одржува јубилејното 35-то издание на Саемот на книга во Скопје.
Атрактивни цени, попусти, голем број промоции и работилници... Ова се само некои од причините заради кои треба да ја посетите најголемата книжевна манифестација во земјата.
Во продолжение погледнете без кои 5 наслови не би требало да си заминете од Саемот на книгата:
Бјанка Белова – „Мона“
Чешката писателка Бјанка Белова доживеа светски успех со претходната книга „Езеро“, а во „Мона“ оди чекор понапред и ја покажува својата моќ да го шокира и да го збуни читателот со нестандардното раскажување на приказната што се разликува од она на што ние како читатели вообичаено сме навикнати.
Главниот лик во романот, Мона, е медицинска сестра која се грижи за жртвите на војната, кои се наоѓаат на работ помеѓу смртта и животот.
Во такво опкружување таа го запознава човекот кој за неа сѐ уште е дете, а кој во голема мера се разликува од нејзините останати пациенти.
Ова е уште еден роман во кој авторката на маестрален начин ја опишува тешката и напната атмосфера во моментот кога треба да се донесе одлука.
Ова е роман што ќе ве натера да се освестите и да ја погледнете реалноста во очи.
Елена Феранте – „Лажливиот живот на возрасните“
„Ние лажеме и најчесто се лажеме себеси. Измислиците нѐ штитат, нè заштитуваат од страдањето, ни дозволуваат да побегнеме од миговите кога треба сериозно да се спознаеме, ги разредуваат хорорите на нашето време, може да нè спасат од нас самите...“
Според авторката Елена Феранте, сите ние сами си кажуваме по некоја лага секој ден: „Среќен сум“, „Ја сакам сопругата“, „Не знаев што правам во моментот“.
Во оној миг кога срамот нè тера да почнеме да чувствуваме грижа на совест, мораме да си кажеме ситни лаги за да не губиме време премногу да размислуваме за себеси.
Во тој контекст оди и приказната за 13-годишната Џована, чиешто лице почнува сѐ повеќе да се менува и огрдува и таа сѐ повеќе почнува да личи на тетка ѝ Викторија.
Џована е во потрага по вистината и има за цел да ги открие долгогодишните семејни тајни, за да успее да го пронајде сопственото вистинско лице.
Ова е ромен што ќе ве вовлече маестрално во паралелниот свет што е отсликан пред вас, во тинејџерскиот ум на младата девојка, па сѐ она што им се чини неразумно на возрасните читатели – променливите расположенија, љубомората, стравот, солзите и гневот, ќе ви станат сосема нормални и оправдани.
Петар Андоновски – „Страв од варвари“
Дејството во романот се случува на островот Гавдос, остров што се наоѓа јужно од Крит на најјужниот дел од Европа, а настаните во романот започнуваат само неколку дена по падот на Берлинскиот ѕид, додека цела Европа е во исчекување на тоа што ќе следува.
Луѓето што живеат на овој остров се заборавени од сите. Нив историјата постојано ги одминува, а таман кога ќе помислат дека и овојпат ќе успеат да бидат одминати од глобалните и историски промени, на островот пристигнуваат тројца странци.
„Страв од варвари“ е добитник на Наградата на Европската Унија за литература во 2020-та година.
Ју Несбе – „Лебарки“
Одличен роман за сите љубители на крими романи и детективски приказни. Заплетот почнува со убиството на норвешкиот амбасадор во Тајланд, кој е пронајден мртов во сомнителен мотел во Бангког, а неговото тело е прободено со ритуален нож.
Инспекторот Хари Хол е викнат веднаш да го истражи убиството и да открие што навистина се случило: дали станува збор за грабеж или, пак, за политички мотивирано убиство?
Хари открива дека овој случај е многу повеќе од обично убиство и дека станува збор за заткулисни игри што никој не ги гледа. Зад секоја лебарка што ќе ја видите во хотелската соба има уште стотици што се кријат зад ѕидот.
Крис Картер – „Јавувачот“
Уште еден роман што ќе им се допадне на сите оние што сакаат трилери и мистерии. Авторот Крис Картер кој има големо познавање од криминалистичка психологија, успева во своите романи да создаде ликови коишто се значително застрашувачки токму заради тоа.
„Јавувачот“ е приказна за двајцата детективи Роберт Хантер и Карлос Гарсија кои се во потрага по серискиот убиец којшто своите жртви ги бира на улица, но и на социјалните мрежи, а ги намамува со тајни пораки.
Станува збор за тензичен, напнат роман, карактеристичен за стилот на пишувањето на Картер, кој уште еднаш нè потсеќа дека освен што е мошне талентиран писател, исто така е и добар познавач на човечката душа и психа.
Б. С. Б. | Црнобело